„Каптирањето вода е сериозен проблем, потребна е и финансиска конструкција, дали тоа се мери со милиони денари или со милиони евра, не би можел јас да одговорам. За тоа треба да има една поголема студија. Сеопфатно решение на целокупната каналска мрежа секако ќе чини многу. Но, стручните служби треба да го кажат тоа. Цената е само еден сегмент од заштитата на животната средина и материјалните добра“, вели Драги Тарчуговски од ЦУК
Постои долгорочно и краткорочно решение на проблемот што настана откако се урна дел од потпорниот ѕид на улицата „Белградска“ зад Клиниката за детски болести во Скопје. Долгорочното решавање на проблемот може да трае со години, па дури и цела деценија, а краткорочното решавање може да се заврши до крајот на летото.
Ова денеска го заклучиле претставниците од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Градот Скопје и Општина Центар на заедничка координативна средба на која било разгледано прашањето за потпорниот ѕид и подземните води на улицата „Белградска“.
Државниот советник за организација и функционирање на Системот за управување со кризи Драги Тарчуговски посочи дека акутно и веднаш може да се направи поправка на оградата на потпорниот ѕид, како што рече, што е во надлежност на Министерството за здравство.
„На состанокот сеопфатно се разгледа ова прашање. Долгорочно проблемот е многу посериозен и поголем, особено кога станува збор за целосно зафаќање на подземните води од Водно, зашто дел од канализациската мрежа која е изградена во 50-тите години од минатиот век е уништена или затрупана, а дел се одржува. Значи, потребна е реконструкција и целосно нова изградба на нов систем, што е долгорочно решение кое може да трае со години или цела деценија. Но, тоа е државен проблем кој ќе се решава во иднина“,
вели претставникот од ЦУК.
Според него, може да се бара акутно и итно решение на подземните води, кои веќе се површински води на улицата „Белградска“, нешто што треба да се разгледа меѓу Општината Центар и Градот Скопје.
„Треба да се направи каптирање на таа вода на улицата и нејзино внесување во атмосферската канализација. Очекуваме во наредниот период да се одржи координативна средба меѓу Општина Центар и Градот Скопје и да се види што може да се направи за итно решавање на овој проблем“,
рече тој.
Санација за овој проблем може да трае и цело лето, најави тој, посочувајќи дека приоритет за решавање на проблемот е прво санација на оградата на потпорниот ѕид, а потоа местото да се обележи како опасно за минувачите.
„Каптирањето вода е сериозен проблем, потребна е и финансиска конструкција, дали тоа се мери со милиони денари или со милиони евра, не би можел јас да одговорам. За тоа треба да има една поголема студија. Сеопфатно решение на целокупната каналска мрежа секако ќе чини многу. Но, стручните служби треба да го кажат тоа. Цената е само еден сегмент од заштитата на животната средина и материјалните добра“,
вели Тарчуговски.
Ако станува збор само за улица „Белградска“, од улица „Водњанска“ до Инфективната клиника, според него, е релативно мала должина, не повеќе од еден километар, а во тој случај, како што рече, не станува збор за некои енормно високи суми, но додаде дека ќе претставува значителен трошок од буџетот на Градот и Општината.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, рече дека треба да одржат состанок со претставници од Општината Центар, со цел да видат со каква документација се располага, па потоа, како што рече, да видат какви финансиски импликации ќе имаат.
„Напамет не можеме да зборуваме. Не знаеме ниту што треба да се прави, ниту каков е каналскиот систем. Ако каналскиот систем е див, тогаш проблемот е поголем и ќе бара целосно решавање на проблемот. Така што проблемот е многу сериозен, такви средства ниту има Општината, ниту Градот. Тоа е стратешка инвестиција што треба да се направи. Водостопанство како акционерско друштво од државна сопственост веќе извршило студија во минатата година. Таа е сериозен, голем, стратешки проект којшто ги опфаќа сите места каде што потенцијално има канали кои во овој момент се уништени и би требало да се ревидираат“,
рече таа.
На 10 јуни од ЦУК информираа дека се урнал дел од потпорен ѕид на улицата „Белградска“, која поминува зад Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ над Клиниката за детски болести.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, апелираше до Министерството за здравство, до Град Скопје и до Општина Центар итно да се зафатат со надминување на оваа опасност за граѓаните. Тој вели дека е прашање на ден, а можеби и на час кога ќе се урне и преостанатиот дел од ѕидот под кој се паркираат возила, но се движат и лица кои влегуваат во кругот на Клиничкиот центар.
Неколку дена потоа институциите си ја префрлаа одговорноста за тоа под чија надлежност е ѕидот.