„Најголемата судница во државата“ прв пат беше промовирана во 2020 година. Откако во меѓувреме не се одржа ниту едно судење, беше промоворина по втор пат во 2022 година. Откако во меѓувреме повторно не се одржа ниту едно судење, министерот за правда Кренар Лога сега вели – таа инвестиција веќе не е потребна
Судницата која пред сѐ ја плати ЕУ, а учествуваа и САД, е изградена поради неколку причини. Да не се прави гужва низ центарот на Скопје кога се судат случаи за кои е потребно полициско обезбедување, да се намалат трошоците за спроводи, но и да се намали бројот на одложени судења кога во КПД „Идризово“ немаат возила за да донесат затвореници-повратници на суд. Од ЕУ повторуваат – судницата е потребна и треба да се користи
Министерот за правда Кренар Лога беше гостин во претходното издание на „360 степени“. Кога во дел од разговорот беше соочен со прашања за условите во затворот „Идризово“, без да биде директно прашан, тој го сврте фокусот кон судницата непосредно до затворот, изградена со пари од ЕУ и САД, а досега употребена за нула судења.

„За мене се направени некои грешки во чекори како што беше изградбата на просторот каде требаше да се држат…
– Е, што е со таа судница? Никако да…
Судницата…
– Таа не проработе, така?
Па, нема никаква логика вие да ги земате луѓето од центар на Скопје и да ги носите таму…
– Бидејќи притворениците се главно во Скопје?
Па, не. Таа градба беше врзана само со Диво Насеље. И веќе кога заврши тој случај, таа инвестиција веќе не ви е потребна.
– И таа никогаш нема да биде ставена во употреба?
Па не верувам. Јас не знам, според мои информации, не верувам дека…
– А, ако се реорганизира пристапот, да речеме, притворениците таму да се носат?
Не знам. Бидејќи за тоа прашање мора да има комуникација и координација и со Судски совет“,
говореше министерот за правда Кренар Лога при гостувањето на „360 степени“.
Министерот во заминување, народски кажано, „тури пепел“ на она што во јавноста беше претставувано како „најголемата судница во државата“.
Како се калеше судницата
Но, со „турањето пепел“ на зградата, Лога не го затрупа само објектот, туку и дел од напорите на пријателските држави, земјава да стане правна држава. На крајот на краиштата, за судницата беа потрошени над 1,3 милиони евра. Пред сѐ пари на даночните обврзници на земјите членки на ЕУ, но и на Соединетите Американски Држави.
Еве како и зошто ЕУ и САД ни ја правеа судницата.
Првото „свечено“ отворање на судницата се случи на 21 мај 2020 година. Објектот од околу 1 000 м2 го промовираа тогашната министерка за правда Рената Десковска заедно со шефот за соработка во Делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини. Во делегацијата беа и јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, претседателот на Кривичниот суд Скопје, Иван Џолев, како и директорот на Управата за извршување на санкциите, Јовица Стојановиќ.
Остана само државата да купи мебел и безбедносна опрема за да почнат судењата. Но, речиси две години подоцна, во јануари 2022 година, кога добивме дозвола да направиме репортажа од објектот, тој беше празен.




„Во овој дел, како што гледате, недостасуваат делот за столчиња и фотелји евентуално. Ќе има, сѐ тоа ќе биде опремено евентуално и ќе биде функционално.
-Кога, штом веќе спомнавте?
Ах, кога. Тоа е веќе малце тема за анализа од повеќе службени лица“,
изјави Стоилко Милојески, архитект ангажиран од Управата за извршување на санкции (25 јануари 2022 г.).
Стоилко Милојески, кого Управата за извршување на санкции го делегираше како домаќин за репортажата, е архитект ангажиран на конкретниот проект. Не и лице одговорно за јавни набавки.
Тогашниот шеф на институцијата, Марјан Спасовски, остана на ставот дека процесот за опремување на судницата не е запрен.

„Во овој момент, во тек е изработката на техничката спецификација за мебел за доопремување на судницата“,
изјави Марјан Спасовски, директор на Управата за извршување на санкции (25 јануари 2022 г.).
Од главниот донатор, Европската Унија, тогаш покажаа делумно разбирање за одложувањата поради ковид-кризата. Но, кажаа и дека добиле ветување.

„Имаме блиска комуникација со надлежните, со Министерството за правда дека наскоро ќе има судења во објектот и дека во првата половина на годината се предвидува објектот да биде функционален.“
изјави за „360 степени“ Фрек Јанмат, шеф на оддел за економски развој и владеење на правото, Делегација на ЕУ во Скопје (25 јануари 2022 г.).
Не помина ниту еден месец, а штотуку избраниот министер за правда Никола Тупанчевски беше соочен со срамот за изградената, а неупотребена судница.
„До крајот на оваа недела, значи тоа е утре, денес сме четврток, тоа е петок, ќе биде распишан оглас. Ќе има тендер, до крајот на март месец. И моите очекувања или амбиции, па мислам дека се реални амбиции, не се хипертрофирани, напротив мислам дека се реални амбициите дека, еве со рокови, така најубаво, значи можеби пред одморите ќе имаме ние со што да се пофалиме“,
изјави тогашниот министер за правда, Никола Тупанчевски, на гостување на ТВ Телма во февруари 2022 година.
Помина летото со одморите, почна есента. Судницата не се отвори, а дојде ред министерот Тупанчевски да гостува и во емисијата „360 степени“.
Кажа дека претходното ветување било и помалку наивно, врз основа на информациите што ги добил штотуку седнат во фотелја. И, даде ново.
– Ќе биде до Нова година?
Ајде сега вака, да не ветувам, па и овојпат да излезе дека не го исполнувам ветувањето, јас ќе се обидам, Вие да бидете поканети исто како гости. Денеска сме 11 ноември, ајде да речам до крајот на ноември. Може?“,
изјави тогашниот министер за правда, Никола Тупанчевски, на гостувањето во „360 степени“ на 11.11.2022 г.
Точно на последниот ден од второто ветување на Тупанчевски, судницата се отвори. По втор пат.
„Јас се радувам што еве ние, првиот пат не го исполнив ветувањето, но овој пат, на една дебатна емисија спомнав дека ќе биде до крајот на јануари, пардон до крајот на ноември. Еве го крајот на ноември и еве можам да се пофалам и да бидам задоволен од тоа што сум го исполнил“,
изјави тогашниот министер за правда, Никола Тупанчевски, на 30 ноември 2022 г.
А освен министерот, зборуваа и оние што ги донираа парите. Евроамбасадорот Гир потсети дека судницата, меѓу другото, е важна за да се избегнат судења од висок профил во центарот на Скопје.
„Видовме во минатото колку нарушувачки тоа може да биде, особено во градови како Скопје. Секако, одржување судски рочишта тука не смее да влијае на правото на фер судење, вклучувајќи ги и пресумпцијата на невиност, правото на одбрана, како и правата на жртвите. Сите процедурални и суштински права треба да бидат почитувани“,
изјави евроамбасадорот Дејвид Гир на 30.11.2022 г.
Заменик-амбасадорот на САД, пак, потсети дека судницата е направена за на државата и на странките во постапките да им штеди пари и време.
„Мора да се користи за да испорача ефикасна правда и спречување на одложувањата, на пример, со отсутни обвинети што не можат да бидат транспортирани до судниците. Мора да се користи за зачувување на ресурсите што се трошат на транспорт на затворениците или на обезбедување. Мора да се користи за нашите заеднички инвестиции да имаат значење за граѓаните на Северна Македонија“,
изјави заменик-амбасадорот на САД, Ерик Мејер на 30.11.2022 г.
Година и половина по второто отворање на судницата и повторно, по нула судења одржани во неа, актуелниот министер рече и дека:
„По овој терк сигурно ќе има и трет пат, бидејќи пак нема да работи. Тоа што сакав да го кажам е дека таа инвестиција требаше да е на крај. Бидејќи вие немате веќе ќелии празни, немате ќелии според стандардите кои ги бара Си-пи-ти (Комитет за превенција од тортура)“,
изјави во понеделникот Кренар Лога за „360 степени“.
И повторно, тропнавме на стара адреса – Делегацијата на Европската Унија во земјава. Сега со прашање, каков став имаат по изјавите на министерот Лога – дека судницата била само за Диво Насеље, односно дека нема употребна вредност?

„Судницата во Идризово е лоцирана веднаш до Затворот ‘Идризово’ и 20 минути од притворскиот центар – Затворот ‘Скопје’. Судницата, исто така, е на еден час возење од притворските одделенија во Куманово и Штип, со што се покрива околу 90% од целната популација. Со тоа, таа е добро поставена за да врши важна функција како центар за судење во претходна и во судска постапка“.
одговорија од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Како директна реакција на Лога, од ЕУ потсетуваат и дека голем дел од затворениците во „Идризово“ се повратници, па потреба од судница до затворот има и сега. А во иднина ќе биде и поголема, знаејќи ги плановите дека и во „Идризово“ треба да се гради притворско одделение.




На прашањето, пак, кои чекори ќе ги преземе ЕУ бидејќи се потрошени 1,3 милиони евра на нивните даночни обврзници, засега за џабе, од Делегацијата во Скопје ни одговорија:
„Првенствена одговорност да осигури дека парите на даночните обврзници на ЕУ се користат ефикасно во Северна Македонија е на владата на земјата и затоа очекуваме дека властите целосно ќе ја искористат помошта којашто ЕУ ѝ ја дава на Северна Македонија“,
одговорија од Делегацијата на ЕУ.
Од Делегацијата во Скопје додадоа и дека земјава има обврски согласно Европската конвенција за човекови права – во затворите да се почитуваат основните човекови права. Тука се и препораките од Комитетот за превенција од тортура.
Сите овие прашања, велат од ЕУ, ќе останат важни во комуникацијата со властите. А бидејќи се очекува нова влада, кој и да очекува да стане министер, веќе треба да планира дека ќе треба повторно да ја пушти во употреба судницата во Идризово. Овојпат вистински.