Тројното убиство во Дебар кое ја потресе јавноста пред околу две години доби правна разрешница пред првостепениот суд во Гостивар. Блерта Поцеста која беше обвинета дека во август 2018 во семејната куќа ги убила родителите и малолетната сестра доби доживотен затвор.
Информацијата за изречената првостепената пресуда, предмалку ја соопштија од обвинителството.
„Доживотната казна затвор за сторителката на кривичното дело убиство следи по сеопфатна истражна постапка во која обвинителството обезбеди докази, а со кои во тек на судењето докажа дека првообвинетата, сега осудена, на 26.08.2018 година, во семејната куќа во Дебар, пукајќи од непосредна близина со пиштол прво ги лишила од живот сопствените мајка и татко, а потоа и малолетната сестра“,
соопштија од обвинителството.
Затворска казна од 10 години доби и еден од двајцата обвинети помагачи, додека за вториот е направена промена во кривичното дело и сега ќе му се суди за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Гостиварското обвинителство, најавуваат, ќе поднесе жалба за двајцата помагачи бидејќи е незадоволно од одлуката.
„Еден ден пред извршувањето на кривичното дело, осудената телефонски контактирала со второосудениот и се сретнала со него во Гостивар. Тој изнајмил возило и заедно се упатиле кон Дебар за да набават оружје. Истиот ден, во близина на градската болница во Дебар, се сретнале со третообвинетиот, кој им обезбедил пиштол и рамка со пет куршуми. По извршувањето на кривичното дело, осудената се упатила во Струга, каде се сретнала со второосудениот и му ги дала клучевите од изнајменото возило да го врати во Гостивар, по што таа со такси отишла на аеродромот во Скопје од каде со авион заминала за Република Италија“,
ја објаснуваат од обвинителството улогата на двајцата помагачи.
Ќерката која сега со првостепена пресуда е осудена на доживотен затвор, откако избега за Италија, а медиумите известија за убиството, се врати во земјата, по што стана и главна осомничена во истрагата.
