Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска учествувал на Самит на лидерите на Европската народна партија (ЕПП) и апелирал до лидерите на сестринските партии да помогнат да се забрза првата меѓувладина седница со ЕУ, откако земјава доби зелено светло за почеток на преговорите.

„Апелирам да помогнете да се забрза процесот на спроведување на првата Меѓувладина конференција што ќе овозможи започнување на пристапни преговори со Европската Унија. Ние, ВМРО-ДПМНЕ сме подготвени да ги поставиме преговорите на брза патека врз основа на најважните стандарди, вредности и принципи на ЕУ“,
рекол Мицкоски.
Тој зборувал и дека наредната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја стави земјава на брза трака за членство во ЕУ.
„Во оваа смисла разбираме дека мора да ги завршиме домашните задачи. Ова значи справување со корупцијата на високо ниво, воспоставување функционален систем на владеење на правото, одговорност и зајакнување на нашиот политички и судски систем, така што тој ќе биде транспарентен и ќе обезбеди рамка со која се дава правна сигурност. Ова може да се постигне и следната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се посвети на овие принципи“,
вели тој.
Во фокусот на овој самит бил Западниот Балкан, па Мицкоски се заблагодарил на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и на претседателот на ЕПП Доналд Туск, за поддршката и за организацијата на настанот.