Вкупно 90 респиратори се очекува да стигнат во земјава до крајот на месецов, информираше на прес-конференција вицепремиерот Бујар Османи и рече дека со ова бројот на респираторни машини е доволен и за евентуален нов врв на вирусот. Тој посочи дека нема потреба од дополнителни набавки бидејќи, како што вели, со овој капацитет се задоволуваат потребите.
„Од нив 20 респиратори од норвешката амбасада, кои претходно беа земени во Турција, се повторно набавени и ќе пристигнат во земјава на 15 мај. Дополнителните 50 респиратори ќе пристигнат до крајот на овој месец, како и 20-те респиратори на ЕУ. Мислам дека тоа е доволен број за каков било иден предизвик и за втор пик или, пак, за наредниот период. Врз основа на овие податоци, Министерството за здравство констатираше дека нема потреба дополнително да набави, затоа што овие обезбедени респиратори ги задоволуваат потребите на здравствениот систем во државата да се справи со овој тек на пандемијата“,
изјави Османи.
Тој објасни и како се користи помошта од ЕУ за менаџирање на здравствените и социо-економските проблеми.
„Од веќе споменатите четири милиони евра од ЕУ кои беа доделени за набавка на медицински материјали, вчера пристигнаа десетици илјади N95 маски и стотици илјади хируршки маски кои, беа распределени на здравствените установи. Педесет милиони евра веќе се распределија, односно се програмираа, со тоа што 30 милиони ќе бидат наменети за малите и средни претпријатија, десет милиони за помош на неформалната економија, пет милиони сепак ќе бидат задржани за поддршка на процесот на преговори, затоа што во меѓувреме се активираше овој процес. Во рамки на микрофинансиската поддршка, добивме мек заем од ЕУ од 160 милиони евра за да се задржи економската стабилност и ликвидност“,
истакна Османи.
Османи посочи дека САД, покрај првичните 1,1 милион долари, го зголемија износот со 330 000 долари како поддршка на активностите на Црвениот крст. Ги издвои и Норвешка, Чешка, Унгарија, Кина, Турција, Словенија кои, вели, продолжуваат со помагање.
За зајакнување на здравствениот систем во кризни времиња и за намалување на економските последици, државата има вкупен заем од околу 400 милиони евра од Светската банка, ММФ и од Европската Унија.
