Во таа насока, претседателката на државата посочи дека треба добро да се фрли поглед на културната дипломатија каде што проблемите се решаваат на поинаков начин
Јас не коментирам пораки од г. Мицотакис, изјави денеска претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова. Ова беше нејзиниот одговор на прашањето за коментар на континуираните реакции од грчкиот премиер кој, меѓу другото, не ја исклучи можноста европскиот пат на земјава да биде затворен доколку новоизбраната шефица на државата и новата власт не се придржуваат до Преспанскиот договор, особено во делот на употребата на уставното име.

Од властите во Атина дополнително можеа да се слушнат и изјави дека е можно покренување постапка пред Меѓународниот суд на правдата поради непочитување на одредбите и обврските што произлегуваат од Договорот од Преспа.
„Ја не коментирам пораки на г. Мицотакис. Во Преспанскиот договор има механизми, почнувајќи од укажување, па до обраќање до генералниот секретар на Обединетите нации и се разбира ова што велите вие можност за покренување постапка пред Меѓународниот суд на правдата, истиот чија пресуда соседот Грција не ја почитуваше. Тоа е механизам што постои, што е загарантиран денеска во процесот на одлучување за секоја членка на Европската Унија, јас не можам да го спречам во тоа“,
рече Сиљановска-Давкова во одговор на прашање пред почетокот на панел дискусијата „Европската Унија како предизвик и предизвиците на Европската Унија: Европа 74 години после Шумановата декларација” во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“ и „Европското движење“.
Точно е дека Преспанскиот договор е дел од Преговарачката рамка за членство на земјава во Европската Унија, рече Сиљановска-Давкова додавајќи оти смета заканите од Грција не се во духот на развивањето на пријателските односи.
Во таа насока, претседателката посочи дека треба добро да се фрли поглед на културната дипломатија каде што проблемите се решаваат на поинаков начин.
„Јас мислам дека и во традиционалната дипломатија можеби е добро да погледнеме, да фрлиме поглед врз културната дипломатија. Таму на поинаков начин ги решаваат проблемите. Мислам дека и ние со соседите би можеле во пријателски дух да се обидеме на поинаков начин да се однесуваме. Малку да бидеме Скандинавци“,
изјави Сиљановска-Давкова.
Претседателката на државата, одговарајќи на новинарско прашање, даде дообјаснување во врска со гаранциите за нашиот евроинтегративен пат што ги побарала од својот италијански колега Серџо Матарела за време на нивната неодамнешна средба во Рим, каде што Сиљановска-Давкова ја предводеше македонската државно-црковна делегација по повод чествувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.

„Прво да кажам дека тоа е една формулација којашто не беше пренесена баш како што треба. Кога зборував јас за гаранции со г. Матарела мислев на оние кои што посегаат по вето, мислев пред сè дека ако ние веќе не знам колку пати сме го менувале Уставот и повторно сме се соочувале со нова промена крајно време е да знаеме дека ова што ни се случува од страна на Бугарија е барање со кое може да се остави простор за вето врзано за Копенхашките критериуми, меѓутоа не за прашања што се врзани за идентитет, за историја. И во договорот за ЕУ, особено во Преамбулата, особено во Лисабонскиот договор и во Повелбата за фундаменталните права јасно е посочено дека ЕУ е единство на различности, дека ги прифаќа идентитетот, интегритетот, особено културниот и националниот идентитет како нешта за кои не се разговара. Но, ние во поглед на многу прашања и ако сакате во поглед на многу критериуми сме биле исклучок“,
рече претседателката на државата.
Во таа насока, Сиљановска-Давкова порача оти е крајно време да се стави крај на тоа.
„Македонија е мала држава, но мислам дека заслужува да биде почитувана како сите други“,
подвлече таа.
Инаку, во однос на користењето на уставното име на државата, како што е веќе добро познато, Сиљановска-Давкова опстојува на ставот дека со тоа што не го користи, пред сè во вербалната јавна комуникација, не го прекршува Преспанскиот договор, но во духот на слободата на изразување на мислата, слободата на самоидентификација и слободата на самоопределување претпочита да употребува македонски или Македонија.
Ова наиде на жестоки реакции од Грција, од чии официјални претставници секојдневно пристигнуваат пораки дека новата власт во земјава треба да се придржува до Договорот од Преспа и да го користи уставното име на државата во секоја пригода.
Фитилот што ги запали страстите во Грција, а предизвикува контроверзии и во земјава беше моментот кога при давањето на свечената заклетва во Собранието, Сиљановска-Давкова, повторувајќи по тогашниот претседател на законодавниот дом Јован Митрески не го изговори уставното име, туку користеше само Македонија.