Во Уставниот суд денеска претпладне беше тивко и немаше информации дали ќе продолжи седницата за избор на претседател. Како што информираат оттаму, уставните судии претходно имале координација по што продолжиле со седницата
Дарко Костадиновски е судијата кој во следните три години ќе биде првиот меѓу еднаквите, односно ќе биде претседател на Уставниот суд, потврдија попладнево од Судот.
По четири дена гласања, за исто толку кандидати во десетина круга, денеска судијата Костадиновски го добил неопходното двотретинско мнозинство од вкупниот број судии и е избран за претседател.
На функцијата тој ќе ја наследи својата колешка Добрила Кацарска, чиј мандат како претседателка на Уставен истече во неделата на 2 јуни.
Инаку, во Уставниот суд утрово беше тивко и немаше информации дали денеска ќе продолжи седницата за избор на претседател.
Како што информираат оттаму, уставните судии претходно денеска претпладне имале координација по што продолжиле со седницата.
На неа се одржале два круга гласање. Во првиот, како кандидат бил предложен судијата Осман Кадриу, кој како и вчера повторно не го добил потребното мнозинство од најмалку шест гласа. Имено, според информации од Уставен, тој имал пет гласа „за“, три „против“, а едно гласачко ливче било неважечко.
По ова бил спроведен вториот круг каде судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска го предложила Дарко Костадиновски за функцијата претседател на Уставниот суд, кој по гласањето го добил потребното мнозинство.
Засега нема информација од Уставен со колку вкупно гласови е избран Костадиновски.
Инаку, во трката за претседател на Уставен прво како кандидатки беа предложени судијките Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павлковска-Данева. По шест круга гласање во четвртокот и петокот минатата недела, ниту една од нив не го доби потребното мнозинство. Сите гласања меѓу овие две кандидатки завршуваа со идентичен исход. За Васиќ-Бозаџиева гласаа пет судии, а за Павловска-Данева четири.
Седницата за избор на претседател продолжи вчера, а од трката се откажа Павловска-Данева, со образложение дека не сака да биде причина за уставна криза. Сепак, и покрај нејзиното повлекување, нејзината условно кажано противкандидатка, повторно доби „само“ пет гласа, недоволни за да биде избрана на функцијата.
По ова и Васиќ-Бозаџиева се повлече од трката, а во продолжението на седницата, во осмиот круг, како кандидат беше предложен судијата Осман Кадриу за кого исто така гласаа петмина колеги.
Кој е судијата Дарко Костадиновски
Инаку, новоизбраниот претседател на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, за судија во Уставен беше избран од Собранието на 11 јануари 2018 година, заедно со Осман Кадриу.
И двајцата беа предлози на тогашниот претседател на државата Ѓорге Иванов.
Костадиновски е доктор на правни науки. Роден е во Скопје на 27 ноември 1974 година. Дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје 1997 година. Во 2008 година станува магистер на правни науки, а во 2012 година и доктор на правни науки.
Од 2001 до јануари 2018 година работи во кабинетот на претседателот на државата.
Според неговата биографија, објавена на веб-страницата на уставниот суд, до 2010 година работи како асистент на советникот за надворешна политика и раководител на одделението за ЕУ и НАТО, а од 2010 до 2018 година е државен советник за надворешна политика.
„Од 2015 до јануари 2018 година ја извршува должноста пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации“,
се наведува во биографијата.
На 11 јануари 2018 година е избран за судија на Уставниот суд.