Еден по еден, „360 Степени“ во оваа сторија ви ги пренесува биографиите на новите министри
1. Насер Нуредини- животна средина
Новиот министер за животна средина, Насер Нуредини, кој во септември ќе наполни 40 години, во Скопје доаѓа од Виена, со искуство од банкарско-финансискиот сектор. Тој има двојно државјанство: на Северна Македонија и на Австрија. Блиските на Нуредини велат дека откако на покана од ДУИ прифатил да стане министер во владата на Зоран Заев, интензивно работи на унапредување на познавањето на албанскиот и македонскиот јазик, бидејќи се школувал и работел на англиски и германски.
Во ОУ „Сабедин Бајрами“ во родното село Камењане (општина Боговиње) учел до четврто одделение (1986-1989 г.). Образованието го продолжил во Виена, а дипломирал „меѓународен бизнис“ на Универзитетот Брајтон, Англија (2002 г.). Новиот министер Насер е син на Аки Нуредини, сопственик на познатиот ресторан „Соле“ во Виена, кој важи за неформална македонска амбасада.
Сместен близу државната опера во Виена, ресторанот е сврталиште на многу оперски ѕвезди од светот.
2. Хисни Исмаили- култура
Хисни Исмаили, кој на предлог на партијата Алтернатива (на лидерот Африм Гаши), го презема ресорот култура, е доцент на Медицинскиот факултет при Државниот универзитет во Тетово, каде е ангажиран од 2009 година. Претходно, работел како професор во средното медицинско „Никола Штеин“ во Тетово, како матичен лекар во ординацијата „Бами кор Медика“ и интервнист во „Галакси“ во Тетово.
Исмаили во 2014 г. докторирал на Универзитетот во Тузла, Босна и Херцеговина, на тема: „Корелации меѓу реактантите од акутна фаза и одредени липидни фракции кај пациентите со ревматоиден артритис“. Во биографијата доставена до Собранието, под графата „културни активности“ напишал дека бил уредник на книги, организатор на првиот сам на приватните албански издавачки куќи, уредник на 90 радио-емисии од културата и на 80 телевизиски документарни програми, како и дека е еден од основачите на издавачката куќа „Логос А“ од Скопје.
3. Трајан Димковски- земјоделство, шумарство и водостопанство
Новиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, беше шеф на кабинет на досегашниот шеф на овој ресор Љупчо Николовски, а од пред три месеци беше назначен за раководител на Секторот за рурален развој во министерството. Во кабинетот на Николовски е уште од времето на Пржинската влада, кога СДСМ доби дополнителен заменик-министер во овој ресор.
Димковски е од Куманово, има 51 година и е дипломиран земјоделски инженер (насока лозаро-овоштарство). Од име на Комисијата за земјоделство на неговата матична партија СДСМ, тој беше жесток критичар на земјоделските политики на претходната власт. Беше извршен директор на Националната федерација на фармери, а работеше и на прокети за поддршка на македонските земјоделци поддржани од Шведската федерација на фармери.
4. Горан Милевски- локална самоуправа
Со министерството за локална самоуправа ќе шефува претседателот на Либерално-демократската партија Горан Милевски, кој е актуелен пратеник во Собранието. Член на парламентот беше и од 2014 до 2016 година. Претходно во два мандата (2005-2009 и 2009-2013 г.) беше член на Советот на општина Битола. Од 2015 г. е лидер на ЛДП, позиција на која го наследи Андреј Жерновски.
Милевски е дипломоран економист од Економскиот факултет во Прилеп, каде во 2017 г. магистрира на бизнис-администрација, а сега е запишан на докторски студии по маркетинг. Од 2004 до 2014 беше нставник во Средното економско училиште „Јане Сандански“ во Битола. Беше против Законот за амнестија и задолжителното вакцинирање.