Министерот за животна средина на прес-конференција зборуваше и за одлуката на Владата за заштита на Шар Планина и Осоговските Планини. Прифаќањето на иницијативата, како што вели, не е предизборен потег, туку прв чекор до нивно прогласување за заштитени подрачја
Точно е дека постојат меѓународни студии кои покажуваат дека смртноста од ковид-19 е поголема во земјите што имаат висока стапка на аерозагадување, вели министерот за животна средина Насер Нуредини. На прашањето што прави државата за овој проблем, особено поради фактот што се најавува и следен бран на вирусот наесен, министерот уверува дека посветено работат и ги зголемуваат инвестициите во борбата за чист воздух.
„Вистина е дека има меѓународни студии кои укажуваат дека тие што биле изложени на голема загаденост е можно да имаат и поголема стапка на смртност. Ова го знаеме и ние, дека имаме проблем со тоа. Затоа ќе се инвестира многу повеќе во спречувањето на загадувањето на воздухот, да бидеме поефикасни во транспортот“,
изјави Нуредини посочувајќи ја гасификацијата како клучен фактор.
Нуредини денеска ја презентираше одлуката на Владата за заштита на Шар Планина и Осоговските Планини. Вели ова не е предизборен потег, туку прв чекор за нивно прогласување за заштитени подрачја.
Коментирајќи ја изградбата на хидроцентралите, Нуредини изјави дека ќе треба да се најдат стандарди и добро да се менаџира со оние што не се дел од заштитената зона, за да се најде решение.
„Ова беше многу долга процедура. Ние работиме на тоа заедно со локалните експерти да ја сочуваме природата. Ова не е поврзано со изборите, туку процес што сега заврши, откако слушнавме мислења од повеќе страни. Прогласувањето за заштитени подрачја значи одржливо користење на природните богатства. Согласно законската процедура, ќе имаме јавни дебати базирани од предлозите на локалното население. По усогласување на мислењата, ќе бидат донесени конечните предлози и ќе бидат вратени во Владата на усвојување“,
изјави Нуредини.
Со финализација на овој процес, додаде тој, ќе се зголемат можностите за прекугранична соработка со соседните земји, бидејќи како што вели, Шар Планина ќе стане еден од најголемите национални паркови во Европа, а истовремено, „заштитата на овие подрачја значи напредок и исполнување на обврските кон ЕУ директивите“.
