Во официјалното соопштение за средбата меѓу Сиљановска-Давкова и Ангеловска-Бежоска првпат во официјална комуникација со медиумите кабинетот на претседателката го спомнува уставното име, но само при наведување на функцијата на гувернерката на Народната банка
Кабинетот на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, вчера рече дека таа ја примила на средба гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска.

Станува збор за прва средба на Сиљановска-Давкова со гувернерката, по нејзиниот избор за претседател на државата, но и една во серијата приеми во нејзиниот кабинет на претставници на домашни институции и на странски држави во земјава.
Но, она што е забележливо во соопштението за средбата со Ангеловска-Бежоска се два моменти. Едниот веќе познат, а другиот нов.
Во официјалната комуникација со медиумите, Сиљановска-Давкова повторно е наведена само како претседателка без да е наведено на што е претседателка, односно без се споменува името на државата – Република Северна Македонија или, пак, само Македонија, како што кажа претседателката при давањето на свечената заклетва во Собранието на 12 мај.
Од друга страна, пак, првпат во соопштение од кабинетот на претседателката на државата се спомнува уставното име на државата.
Имено, Ангеловска-Бежоска во него е наведена како гувернерка на Народната Банка на Република Северна Македонија.
„Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка на Република Северна Македонија. На средбата, прва по нејзиното стапување на функцијата, претседателката Сиљановска-Давкова беше информирана за тековната работа на Народната банка и остварувањето на предвидените цели, насочени кон постигнување и одржување на ценовната стабилност и кон одржување на стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем“,
се наведува во соопштението кое е објавено на официјалната веб-страница на претседателката на државата.

Како што е веќе добро познато, Сиљановска-Давкова опстојува на ставот дека со тоа што не го користи уставното име на државата, пред сè во вербалната јавна комуникација, не го прекршува Преспанскиот договор, но во духот на слободата на изразување на мислата, слободата на самоидентификација и слободата на самоопределување претпочита да употребува македонски или Македонија.
Ова наиде на жестоки реакции од Грција, од чии официјални претставници секојдневно пристигнуваат пораки дека новата власт во земјава треба да се придржува до Договорот од Преспа и да го користи уставното име на државата во секоја пригода.
Фитилот што ги запали страстите во Грција, а предизвикува контраверзии и во земјава беше моментот кога при давањето на свечената заклетва во Собранието, Сиљановска-Давкова, повторувајќи по тогашниот претседател на законодавниот дом Јован Митрески, не го изговори уставното име, туку користеше само Македонија.
Реакцијата од официјална Атина тогаш стигна експресно – грчката амбасадорка Софија Филипиду веднаш по заклетвата ја напушти ложата во собраниската пленарна сала, во која беа и амбасадори на други земји, во знак на протест. Од грчката амбасада рекоа дека тоа го сторила по инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција.
Оттогаш, речиси секојдневно грчкиот премиер Киријакос Мицотакис упатува пораки дека новата власт во земјава мора да се придржува до Договорот од Преспа и да го користи уставното име на државата зашто од тоа зависи нејзиниот европски пат.
Во истата насока Сиљановска-Давкова го привлече вниманието на јавноста и при положувањето на венецот во Рим по повод чествувањето на 24 Мај – Денот за сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј. На лентата од венецот беше испишано само Претседател Гордана Сиљановска-Давкова.
Во изјава за медиумите таа вчера рече дека со кабинетот разговарале дека на лентата на венецот може да пишува и РС Македонија, но оти лентите се куси, па „затоа се одлучивме за такво решение бидејќи јас бев предводник на државно-црковната делегација“.
„Знаете, тие ленти не се многу големи. Разговаравме во кабинетот, имавме и различни мислења меѓу себе. На пример, јас имав мислење дека може да биде РС Македонија бидејќи немаше простор. Но некако на крајот реков дека можеби затоа што јас сум на челото на државно-црковната делегација, ова да биде некое решение. Знам дека може да има забелешки, ги разбирам многу од нив, многу од нив се логични, бидејќи Македонија ја претставувавме таму“,
изјави вчера претседателката.
Што се однесува до средбата со гувернерката на Народната банка, на неа Ангеловска-Бежоска, како што се наведува во соопштението, меѓу другото, ги претставила и стратегиските цели насочени кон унапредување на монетарната политика, стабилноста на банкарскиот систем, непреченото функционирање на платните системи, управувањето со девизните резерви, а во функција на обезбедување на услови за ефикасни, иновативни и сигурни финансиски услуги.
Таа упатила честитка до претседателката на државата за стапувањето на функцијата и ѝ посакала успех во работата.
Од своја страна, Сиљановска-Давкова ги поздравила напорите на Народната банка за зачувување макроекономската стабилност на државата, во услови на, како што се наведува во соопштението, геополитички и геоекономски ризици.