Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостување на ТВ24 рече дека ако направиме споредба на состојбата со ковид-19 во однос на другите земји од регионот, Македонија е на долната половина.
„Ако ги гледаме бројките по трите основни параметри по којашто можеме да ја цениме успешноста на мерките, тоа е бројот на луѓе коишто го загубиле животот на милион жители, бројот на луѓе коишто се инфицирани на милион жители, и бројот на тестови направени на милион жители. И доколку се анализираат 10 држави од регионот ќе видите дека Македонија е во долната половина“,
рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека по бројот на луѓето коишто го загубиле животот на милион жители во регионот, ако се анализираат државите од Словенија преку Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Турција, Албанија, Грција, Македонија е втора по смртност веднаш позади Словенија.
Мицкоски даде и свое мислење за министерот за здравство, Венко Филипче, и неговата ангажираност во борбата против коронавирусот.
„Од она што можам да слушнам од негови пациенти го оценуваат како коректен човек, солиден лекар и знам што значи да се биде лекар и го охрабрувам да се врати на спасувањето на човечките животи“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека на почетокот на епидемијата, Филипче како министер имал најмал рејтинг и му упати совет да избегнува сомнителни набавки. Мицкоски истакна дека и предложил награди за медицинските лица кои се справуваат со пандемијата.