Од Министерството ја нагласуваат определбата на земјава кон, како што велат, недвојбено почитување на уставните определби и меѓународно преземените обврски меѓу кои и почитување на Преспанскиот договор
Министерството за надворешни работи (МНР) денеска преку писмено соопштение повика на внимателност кај сите политички чинители во државата, особено кај избраните државни функционери, во однос на задржување на евроатлантскиот курс на земјава кој, како што посочуваат од МНР, е основен стратегиски интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата.

Од Министерството ја нагласуваат определбата на земјава кон, како што велат, недвојбено почитување на уставните определби и меѓународно преземените обврски меѓу кои и почитување на Преспанскиот договор.
„Изминативе седум години, двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, кое резултираше и со неколкукратно зголемување на економската соработка и изградбата на позитивни врски меѓу луѓето. Овие придобивки резултираа со членството на земјата во НАТО, Отворање на преговорите со Европската Унија, како и со надградба на стратешкото партнерство во Стратешки дијалог со САД“,
се посочува во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Соопштението на МНР следува по вчерашната инаугурација на новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова која предизвика низа реакции од Грција и од официјален Брисел откако таа во заклетвата не го кажа уставното име на државата, туку кажа само Македонија.