„Јавно го прашуваме министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој како најголем успех го прогласи претседавањето со ОБСЕ, како ќе го оправда бојкотот и примитивното однесување утре пред меѓународните партнери?“, праша Меџити на прес-конференција
Али Ахмети е најголемиот губитник по денешниот изборен процес и ја запечати својата комплетна изолација од сите релевантни политички чинители, нагласи вечерва Изет Меџити од партиската говорница на „Вреди“.
Како што рече Меџити, изборниот процес не бил демократски бидејќи институциите се ставиле во служба на ДУИ, но гласачите одолеале на притисоците.
Меѓу другото, Меџити јавно го праша и министерот за надворешни работи Бујар Османи, како ќе го објасни бојкотот пред меѓународната заедница.

„Али Ахмети ја запечати комплетната изолација од сите релевантни и политички чинители и фактори во државата, како и меѓународните партнери. Од денеска Али Ахмети е најголемиот политички губитник кој заедно со Артан Груби и неговите пријатели, кои во оваа кампања само демонстрираа ароганција и насилство, од денеска ќе заврши во политичка изолација од коалициските партнери, од опозициските партии, од странските амбасадори, од медиумите, од невладините организации и меѓународната заедница“,
рече Меџити.
Тој го повика и Османи да одговори за бојкотот.
„Јавно го прашуваме министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој како најголем успех го прогласи претседавањето со ОБСЕ, како ќе го оправда бојкотот и примитивното однесување утре пред меѓународните партнери?“,
повика Меџити на одговор од седиштето на „Вреди“.
Според него, „Вреди“ е апсолутен победник во албанскиот кампус и од утре почнува промената на власта, а за насилството врз гласачкото право, рече дека ќе бараат одговорност.
„Како што ‘Вреди’ постојано предупредуваше во текот на кампањата, денеска изборниот процес беше се само не демократски. За жал, државните институции кои имаат задача да го гарантираат процесот, денеска повторно се ставија во служба на ДУИ. На терен, а особено на избирачките места забележани се заменици-министри, министри, директори и други партиски функционери и присуството на сите овие е документирано и во текот на следните денови ќе ги информираме претставниците на амбасадите, набљудувачките мисии и други релевантни фактори во земјата и странство“,
рече Меџити.
Обраќајќи се кон Албанците, Меџити нагласи дека ДУИ си го покажала правото лице преку обидот за бојкот.
„Драги Албанци, партијата која владееше со институциите 22 години го покажа своето вистинско лице. Маските на крај паднаа. Со бојкот, ДУИ за жал се обиде да го врати политичкото организирање на Албанците во Македонија на пред политичко ниво. Замислете, партијата која излезе под името „Европски фронт“, партијата која 22 години се фалеше дека е единствен проевропски субјект во државата, која и во оваа кампања зборуваше како брзо ќе не интегрира во ЕУ, денеска го бојкотираше изборниот процес. Примитивен и недемократски чин и згора на тоа чин спротивен на секој демократски принцип кој создава горчлива слика за Албанците во светот“,
изјави Меџити на првата прес-конференција по затворањето на гласачкиот процес.