Шефицата на набљудувачката Мисија на ОБСЕ/ОДИХР денеска во изјава за медиумите рече дека ќе ги разгледаат сите резултати како што пристигнуваат од целата земја, а потоа ќе ги донесат заклучоците базирани на набљудувањата кои се обезбедени од нивните многубројни набљудувачи
Повеќе од 300 набљудувачи на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР распоредени на избирачките места низ целата држава го следат текот на гласањето на денешниот втор круг од претседателски и на парламентарните избори, изјави Џилијан Стирк, која ја предводи меѓународната мисија за набљудување на изборите.
Целосната оценка за тоа како поминал изборниот ден, Стирк рече дека ќе ја имаат кога ќе ги соберат и анализираат сите податоци од изборниот ден.
„Избирачкото место каде што сме утрово е секако само едно од многуте во земјава. Ќе ги разгледаме другите резултати како што пристигнуваат од целата земја, а потоа ќе ги донесеме нашите заклучоци базирани на набљудувањата кои ни се обезбедени од нашите многубројни набљудувачи“
рече Стирк, по денешната посета на гласачко место во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Центар.
Првичните наоди од мониторирањето на изборниот процес од првиот круг на претседателските избори, Стирк рече дека ќе бидат презентирани утре на прес-конференција во 15 часот.
Покрај тристате набљудувачи кои денеска се распоредени низ државата, шефицата на набљудувачката Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР потсети дека имаат и долгорочни набљудувачи кои се распоредени низ целата земја на девет различни локации следејќи ги сите аспекти во подготовките за овие избори.