На денешните двојни избори – за шеф на државата и за пратеници во Собранието се гласа на 3 480 гласачки места. Граѓаните во текот на денот ќе можат само еднаш да дојдат на избирачкото место и да гласаат. Таму ќе треба да одлучат дали ќе земат две ливчиња, и за претседателските и за парламентарните избори, или само едно. Идентификацијата на гласачите ќе се врши со т.н. фингерпринт апарати

Од утрово од 7 часот граѓаните може да гласаат на двојните избори – за шеф на државата и за пратеници во Собранието. Гласањето се одвива на 3 480 гласачки места и тоа ќе трае до 19 часот вечерва.
На претседателските избори право на глас имаат 1 814 317 гласачи кои може да гласаат за еден од двјцата кандидати – Стево Пендаровски поддржан од СДСМ и Гордана Силјановска-Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.
За да успеат изборите за шеф на државата, неопходно е на гласање да излезат повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи односно најмалку 725 727 гласачи. Доколку биде исполнет цензусот и биде избран претседател на државата, неговата инаугурација треба да биде на 12 мај.
Во земјава денеска се одржуваат и единаесетите парламентарни избори на кои треба да бидат избрани 120 пратеници за собранискиот мандат 2024-2028 година.
Пратениците се избираат според пропорционалниот модел, при што местата се доделуваат по Донтовиот метод.
Право на глас на парламентарните избори имаат 1 815 350 избирачи запишани во Избирачкиот список.
Земјата е поделена во шест изборни единици. Во првата изборна единица има 313 183 илјади гласачи, во втората се 321 087, во третата 275 034, во четвртата 278 721, во петтата 310 216 и во шестата изборна единица 317 109 илјади гласачи.
На овие парламентарни избори граѓаните ќе може да гласаат со заокружување на еден од редните броеви пред седумнаесетте листи на кандидатите за пратеници – 12 коалиции и пет политички партии. Листи за кандидати за пратеници имаат коалицијата „За европска иднина“ предводена од СДСМ, коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, коалиција „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, коалиција „Европски фронт“ на ДУИ, политичката партија Левица, коалицијата од опозициските партии на Албанците „Вреди“, политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Единствена Македонија, Нова алтернатива Скопје, АВАЈА, Европско граѓанско движење, Македонска ера трета/Македонски независни листи – Суверенисти, Твоја партија, Родина Македонија, Десна, Демократи Скопје и Работничка партија. Дел од коалициите и партиите имаат листи само за одредени изборни единици.
Вчера за претседателските избори гласаа иселениците, додека и за претседателските и за парламентарните избори и болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови и две раселени лица.
Граѓаните во текот на денот ќе можат само еднаш да дојдат на избирачкото место и да гласаат за двата вида избори или само за претседателските или само за парламентарните избори. Идентификацијата на гласачите ќе се врши со т.н. фингерпринт апарати.
Записниците и другиот изборен материјал, избирачкиот одбор ги доставува до Општинската изборна комисија (ОИК) во рок од пет часа по завршувањето на гласањето.
По спроведените избори за пратеници на Републиката, ОИК ги сумира резултатите од гласањето на листата на кандидати, составува записник и заедно со целокупниот изборен материјал го доставува до Државната изборна комисија (ДИК) веднаш, а најдоцна до 12 часа од завршување на гласањето.
ДИК првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
Конечните резултати од изборите Државната изборна комисија ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.
Двојните избори ќе ги следат 1 303 домашни набљудувачи, 860 меѓународни набљудувачи и 83 странски новинари.