Ова е насловната страница на интернет-порталот на Владата.
На видно место има и врска до „јавни огласи“.

Ако кликнете таму, се отвора страница на која единствен јавен повик е за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект.
Уште еден клик до „завршени јавни огласи“ и ќе ги најдете двата, веќе поминати, Јавни повици за интервентна набавка на маски.
Едниот повик е објавен на 24 април, а до него може да стигне и преку владиното соопштение за таа намена. Се повикуваат домашни фирми кои можат да испорачуваат најмалку 2 000 маски дневно, во следните три дена да испратат понуда до Владата.

Овој оглас за интервентна набавка на маски е последица на владината Уредбата за таа намена, која беше објавена во Службен весник 11 дена претходно, на 13 април, а самата одлука за набавката падна на владина седница дополнителни 12 дена порано – на 1 април. Поедноставено – за оваа интервентната потреба, на Владата и требале 27 дена само за да собере понуди. А и тоа не е се.
За вториот споменат владин оглас за маски немало соопштение.
Иако речиси невидлив, рокот за пријавување бил само еден ден, без опција тоа да се направи по електронска пошта.
Објавен е на 26 март, неколку дена пред Владата да ја донесе Уредбата за интервентна набавка на маски.
Содржината на огласот остава впечаток дека предвреме се знаело кои ќе бидат условите што ќе ги содржи уредбата.

– единечната цена по маска да изнесува максимум 40 денари плус ДДВ за маските изработени од материјал за изработка во сопственост на економскиот оператор;
– единечната цена по маска да изнесува максимум 25 денари плус ДДВ за маските изработени од материјал обезбеден од страна на Владата на Република Северна Македонија.
Огласите се можеби „закопани“, но сепак можат да се најдат. За она што е најважно – дали, колку, од кого и за кој износ Владата интервентно купила маски и пред и по владината Уредба, нема никаква информација на владината интернет-страница. За овие информации поставивме прашања до Владата, но одговор на добивме.
Освен за маски, Владата донесе Уредби за интервентна набавка и на респиратори и на ракавици. Целта на сите три е потребните добра да се купат без да се следат процедурите од Законот за јавните набавки, бидејќи за нив треба повеќе време.
Само за обидот да се купат респиратори по владината Уредба, за што беше задолжено Министерството за здравство, има јавна трага за целата процедура.
Набавките поврзани со корона-кризата професионално ги следи Центарот за граѓански комуникации, организација која повеќе од една деценија ги мониторира јавните набавки во земјава.

„Моето прашање овде е – ако за 27 дена им требало да се објави оглас и за крајниот рок за прибирање на понудите, дали оваа Уредба ја оправдува итноста, односно дали оправдува што е исклучок од законот, бидејќи во законот имаме, во нормални околности имаме пократки рокови од овие Уредби“,
вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации
Освен уредбите, Филков и колегите ги следат и т.н. „итни“ набавки, односно тендери без објавување оглас.

Нивната база содржи 91 таков договор, што не значи и дека тоа е вистинската бројка на склучени договори, бидејќи институциите често доцнат со нивно објавување откако ќе ги потпишат. Вкупната вредност на купени добра, во објавените договори, е 690 000 евра, и тоа од гумени ракавици па до средства за чистење улици. Она што загрижува е што во 52 % од јавно достапните договори, институциите обезбедиле само една понуда.
„Јас мислам дека институциите беа на еден начин неспремни. Во која смисла? Не беа спремни дека итноста не подразбира ексклузивно ти од некого да купиш, туку итност подразбира краткиот рок во кој ти треба одредениот производ“,
вели Герман Филков.
Освен малку понуди, домашните итни ковид-19 набавки се одликуваат и со малку информации за предметот на набавката. На пример, при купување маски, описот во договорите најчесто е ограничен на „памучни“ или „еднократни“. Ретки се примерите со повеќе податоци кои можат да се споредат.

Така, АД за стопанисување со станбен и деловен простор купило маски со минимум ФФП 2 заштита за 40 денари парче;
Министерството за одбрана купило маски со најмалку ФФП 2 или Н95 заштита за 97 денари парче;
Клиниката за торакална и васкуларна хирургија купила маски со најмалку ФФП 2 заштита за 380 денари парче.
Дали некој ја злоупотребил кризата или таква била понудата на пазарот, веќе проверува и Антикорупциската комисија, со помош на НВО-секторот.

„Ние постапуваме по конкретна набавка. Таа е поврзана со нерегистрираните средства за дезинфекција. Имаме такви сознанија, конкретно такви наводи коишто треба да ги потврдиме дали се точни или не, кои ги преплавиле државните институции и тоа во постапка со преговарање без објавување на оглас.
– Станува збор за домашен производител?
Домашен, но наводно нерегистриран (производ н.з.). Но, тоа треба да се докаже.“
вели Билјана Ивановска – претседателка на ДКСК
Освен јавните набавки, ДКСК ќе ги разгледува и владините Уредби за интервентни набавки и донациите до државата. Но, може ли да се превенира корупцијата ако се проверува пост-фестум?
„Излеговме и кажавме во јавноста, дадовме препораки, превентивни, значи секој да работи почитувајќи ги начелата на законитост, на јавност, на транспарентност. Доколку сите овие начела секоја институција ги почитува, тогаш превентивната улога на ДКСК во еден дел е исполнета, нели. Грешките не може да се прејудицираат. Грешките секогаш се утврдуваат отпосле, откако веќе се настанати“,
вели Билјана Ивановска – претседателка на ДКСК
Ковид-19 го сврте окото на јавноста кон одредени набавки, но затоа таа јавноста остана „слепа“ за други. Во петокот, Државната комисија за жалби по јавни набавки го објави решението со кое го поништи најскапиот тендер годинава – за набавка на сопствена механизација за РЕК Битола, со што комбинатот би престанал да троши десетици милиони евра за да најмува приватни багери и камиони.
Причините се повеќе, но најмногу тежи најбаналната.
„Од увидот во досието … Државната комисија утврди дека жалителот навремено поставил прашања во врска со објавената постапка, но договорниот орган не одговорил на сите навремено поставени прашања иако за истото бил должен согласно … Законот за јавните набавки“,
се вели во Решението Бр.09-166/8 од 29.04.2020 година, на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
Пред објавувањето на одлуката, од ЕСМ за „360 степени“ признаа дека не одговориле на прашања кои веќе се содржани во тендерската документација. А ако тоа било грешка, од АД Електрани велат:
„Дали има основа за утврдување одговорност не може да се каже до завршување на предметот и добивање одлука од Комисијата во врска со предметот“,
велат од ЕСМ.
„Значи, мислам дека не требало да се дозволи набавка која сите ја чекаме со години да има такви почетнички грешки или барем за такви почетнички работи да се поништи тендерот“,
коментира Герман Филков.
Но, во целиот случај, проблематично е и постапувањето на Државната комисија за жалби по јавни набавки. Според роковите во Законот за јавни набавки, тие имаат 5 дена за комплетирање документација и 15 дена за одлука. Во случајот, решението требало да биде готово на крајот на февруари, а не на крајот на април.
„Лани, во првите осум месец комисијата одлучувала просечно за 15 дена по тендерите. За сега да имаме без малку три месеци како Комисијата немаше донесено одлука и мислам дека најмалку што заслужува јавноста е Комисијата да објасни, што е тоа што земало три месеци за оваа жалба, којашто повторувам, кога ќе ја прочитате, не оддава впечаток дека тука многу време требало за да се донесе одлука“,
вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
Објаснувањето кое „360 степени“ го доби од Комисијата е дека роковите во законот не се обврзувачки, а предметот одел споро бидејќи чекале став од други институции.

„Побаравме од Комисијата за заштита на конкуренцијата мислење, бидејќи еден од условите во тендерот е да се поседува соодветен сертификат од производителот за да се продава опремата. Тие, пак, се обратиле до ЕСМ и тука е изгубено многу време. За нас беше важно тоа мислење, во контекст на тоа дали има ограничување на конкуренцијата“,
велат од Комисијата за жалби по јавни набавки за „360 степени“.
И додека, сосема очекувано, пропаднатиот тендер за купување механизација за РЕК Битола ќе повлече серија прашања, последиците од целиот случај нема да застанат тука. Едната последица, речиси сигурна, е дека ќе бидат потребни месеци за повторно да се, распише и потенцијално да се избере победник на тендерот.
Втората, уште поважна последица, е дека и оваа сезона во РЕК Битола ќе мора да работат приватни фирми. Изминатите години, во просек тие услуги чинеа меѓу 15 и 20 милиони евра. Таа сума ќе се додаде на веќе потрошените 370 милиони евра за приватна механизација во изминатите две децении во комбинатот.
Видеото е подготвено со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“. За содржината се единствено одговорни Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентарот и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.
