„Не е крај на светот ако отидат во опозиција. Гарантираме дека нема да има политички реваншизам, туку само одговорност утврдена во фер правосудни постапки“, се вели во соопштението од оваа коалиција
По 8 мај ќе има и влада со „Влен“ како единствен легитимен политички репрезент на Албанците, ќе има и Бадентерово мнозинство, ќе бидат обезбедени и фундаментите на Охридскиот рамковен договор и ќе има одговорност за сите што се огрешиле пред законите.
Ова денеска преку соопштение го испратија до медиумите од коалицијата „Влен“ посочувајќи дека Демократската унија за интеграција (ДУИ) ги напуштила вредностите за кои се залагала во 2001 година, кога наместо за албанската кауза почна да се грижи единствено за џебовите на нивното раководство и ним блиските роднини.

„Од партија се претворија во ‘Коза ностра‘. Сега кога доаѓа време за одговорност за коруптивните скандали се обидуваат како штит да го користат целиот албански народ и помалите етнички заедници кои ги користат како заложници. Тие веќе видени трикови не поминуваат. После 8 мај ќе има и влада со ‘Влен‘ како единствен легитимен политички репрезент на Албанците, ќе има и Бадентерово мнозинство, ќе бидат обезбедени и фундаментите на Охридскиот рамковен договор и ќе има одговорност за сите што се огрешиле пред законите“,
велат од „Влен“.
Оттаму оценуваат дека не може и не смее одењето во опозиција ДУИ да го претставува како проблем за опстанокот на државата. Затоа, „Влен“ ги повикува да престанат да ги срамат Албанците и, како што додаваат од коалицијата, славните борци на УЧК.
„Не е крај на светот ако отидат во опозиција. Гарантираме дека нема да има политички реваншизам, туку само одговорност утврдена во фер правосудни постапки“,
се вели во соопштението од коалицијата „Влен“.
Валбон Лимани од коалицијата „Влен“ денеска соопшти дека Управниот суд ја прифатил жалбата на коалицијата „Влен“ за гласачкото место во Липково, каде што, како што рече тој, имало полнење кутии од страна на блиски луѓе на носителот на листа од ДУИ во оваа зона, со, според него, техника позната како „бугарски воз“.