Гласачите Албанци, порача тој, немаат никаква причина да им веруваат на оние што ја започнале изборната кампања со „албанизам“, а ја завршуваат со „мицкоизам“. Изборите на 24 април, рече Османи, покажале дека „Европскиот фронт“ е победникот и клучот за европската иднина на државата
Доскорешниот кандидат на ДУИ за претседател на државата и актуелен министер за надворешни работи, Бујар Османи денеска на прес-конференција говорејќи во име на „Европскиот фронт“ ги повика поддржувачите на опозицијата да ја поддржат коалицијата предводена од ДУИ на претстојните парламентарни избори.

Ова, како што кажа тој, е со цел да се зајакне политичката позиција не само на Албанците, туку и на сите етнички заедници против „арогантните закани за мајоризација“ што, според него, доаѓаат од „неодговорниот хор на ВМРО-ДПМНЕ“.
Според Османи, изборите на 8 мај ќе бидат референдум „против“ национализмот и „за“ соживотот и Европската Унија, притоа обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ дека секојдневно рециклира националистички тези и флертува со проруски интереси.
„Додека ВМРО-ДПМНЕ и нејзините сојузници секојдневно рециклираат националистички тези, флертуваат со проруски интереси, отворено се закануваат на славното востание од 2001 година, ги зголемуваат тензиите меѓу етничките и верските заедници во земјата, ‘Европскиот фронт’ гарантира стабилност и соживот обединувајќи ги сите заедници во мисијата за подобар и побогат живот во Европската Унија“,
рече Османи, кој не го помина првиот круг од претседателските избори, во кој освои 121 088 гласови.
Гласачите Албанци, порача тој, немаат никаква причина да им веруваат на оние што ја започнале изборната кампања со „албанизам“, а ја завршуваат со „мицкоизам“.
Изборите на 24 април, рече Османи, покажале дека „Европскиот фронт“ е победникот и клучот за европската иднина на државата.
„Без сомнение ‘Европскиот фронт’ е единствената опција којашто ќе произведе владина стабилност со повеќе од 20 мандати на пратеници. ‘Европскиот фронт’ е единствената опција што ќе може да обезбеди мнозинство според Бадентер, без кое не може да опстои ниту една влада во Северна Македонија. ‘Европскиот фронт’ е единствената опција што ќе може да диктира јасна западна ориентација на нашата земја и во 2030 година ќе биде цврсто во Европската Унија и во стабилно сојузништво со САД“,
кажа Османи.
Главната порака од денешната прес-конференција, рече тој, е дека за „Европскиот фронт“ Соединетите Американски Држави (САД) недвосмислено остануваат наш сојузник, партнерство, кое, како што додаде, опфаќа пет клучни области – безбедноста на земјата, владеење на правото, економскиот и културниот развој, како и укинување на визниот режим со Соединетите Американски Држави.
Ова се, додаде тој, главните точки на кои ќе го фокусираат целиот свој потенцијал во следниот мандат.
„Досега сме дале бројни докази дека секоја зацртана цел заедно сме ја оствариле. Заедно ќе го надминеме и овој предизвик. Што поблиску до ЕУ и САД, што подалеку од Русија“,
порача Османи.
Прашан за националистичката реторика за која деновиве ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно се обвинуваат и кој прв ја започнал и зошто е потребна, Османи рече дека уште од првиот ден граѓаните се исправени пред два концепти.
„Едниот е концептот на соживот и интеграција во Европската Унија којшто го промовира ‘Европскиот фронт’, бидејќи ако го гледате составот на ‘Европскиот фронт’ и основната идеја, тоа се двата основни наратива – соживот и европска интеграција. И го имате вториот концепт кој од прв ден бара етничка супремација“,
изјави Османи.

Говорејќи во оваа насока тој го повтори својот став дека изборните слогани на ВМРО-ДПМНЕ и за претседателските („Македонија повторно горда“) и за парламентарните избори („Македонија повторно твоја“) се шовинистички. Врвот на шовинистичкиот наратив, според него, е барањето на ВМРО-ДПМНЕ за 61 пратеник.
„Да барате 61 партеник во мултиетничка држава тоа значи дека барате супремација на една етничка заедница и исклучување на дугите заедници од политичкото донесување на одлуки“,
кажа тој.
Изборите на 8 мај, рече тој, веќе не се прашање на битка меѓу „Европскиот фронт“ и коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“.
„Таа беше легитимна битка, граѓаните се определија за „Европскиот фронт“. Сега на 8 мај се гласа за национализмот на ВМРО-ДПМНЕ, којашто сака да гази по основното достоинство на граѓаните и заедниците, и алтернативниот концепт, којшто бара соживот и европска интеграција. И мислам дека затоа ја гледаме најголемата мобилизација на луѓе коишто никогаш не гласале. Велат, имаме шанса со пенкало да кажеме стоп да не се врати национализмот којшто мислевме дека помина, којшто нè блокираше 20 години од Европската Унија и којшто ни избрка стотици илјади луѓе надвор од државата, или алтернативниот концепт. Затоа сметам дека изборите на 8 мај се референдум против национализмот и референдум за соживотот и Европската Унија“,
рече Османи.