Силјановска-Давкова оцени дека ако некој однапред прави сценарио за уставните измени, што инаку е еден од главните услови на политичките партии на Албанците за учество во идната влада, на тој начин го негира и го супституира Собранието
Кандидатот на СДСМ, пак, во овој контекст кажа дека ставот на Силјановска-Давкова е сосема спротивен од повикот за коалицирање од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ уште пред одржување на изборите
Претседателските кандидати на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова, кои ќе се тркаат во вториот изборен круг, вечерва го имаа првото телевизиско соочување пред изборите на 8 мај. Дел од темите на кои ги соочија ставовите во дебатата на ТВ 21 беа и условувањата за евентуална соработка кои политичките субјекти од албанскиот блок ги поставуваат во пресрет на двојните избори наредната недела.

Силјановска-Давкова ги оцени за крајно невообичаени условувањата од партиите на Албанците, бидејќи, како што рече, обично услови поставуваат оние кои имаат капацитет да состават влада. Рече дека ако некој однапред прави сценарио за уставните измени, кој, инаку е еден од главните услови на политичките партии на Албанците за учество во идната влада, тогаш, оцени Силјановска-Давкова, го негира и го супституира Собранието.
„Ние се научивме однапред во таа консоцијативна демократија лидерите да договорат сè, а пратениците само да гласаат. На тој начин партиите го супституираат Собранието. Според Уставот, пратениците ги претставуваат граѓаните и гласаат спроед сопствено уверување. Ако однапред некој направи политичко сценарио за уставни измени тогаш го негира и го супституира Собранието, но со тоа и парламентарната деморкатија. Нека повелат, се знае кој е предлагач на уставните измени, има неколку варијанти, 30 пратеници, 150 илјади граѓани, Владата, претседателот на државата, и нека влезе тоа во процедура. Меѓутоа, однапред да го прејудицирате резултатот тоа нема ништо заедничко со парламентарната демократија“,
изјави Силјановска-Давкова во дебататана ТВ 21.
Кандидатот на СДСМ, пак, во овој контекст кажа дека ставот на Силјановска-Давкова е сосема спротивен од повикот за коалицирање од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ уште пред одржување на изборите.

„Има неколку елементи во нејзиното излагање кои го побиваат ова што вие го поставувате како прашање, а на моменти и самата себе се побива. Условите вели, ги поставува оној кој на крајот победува и тоа е логиката, а не претходно. Не знам зошто тогаш госпоѓата прво вели дека се сигурни победници со 3 спрема 1, значи таа го знае резултатот пред да заврши, вели ќе победат и на претседателски и на парламентарни, значи знае и едното и другото, условите пред избори ги поставува нејзиниот лидер Мицкоски, кој вели дајте ги гласовите за нашиот кандидат ако сакате да влезете во влада. Зошто не го поставува тоа како услов по изборите, вечерта на 8 мај?“,
изјави Пендаровски.