Нечесно кон целиот народ, оцени актуелниот претседател Пендаровски, е поради несигурност во сопствениот политички концепт, да се бара поддршка од другите „зашто знаеш дека твојот кандидат можеби нема да може да ја истера целата работа сам“
Актуелниот претседател и кандидат за втор мандат Стево Пендаровски го оцени како понижување на македонските гласачи повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, до потенцијалните коалициони партнери во идната влада за поддршка на Гордана Силјановска-Давкова во вториот круг од претседателските избори.
„Од денешните изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ гледаме дека тој отишол да моли кај другите партии со кои наводно веќе има направено договор за влада, тие да му ги префрлат гласовите за противкандидатката. Поголемо понижување на македонските гласачи немаме видено одамна. Ако ги делиш ресорите и власта пред да ја освоиш, ти си политички манипулант. Нека решат граѓаните и вечерта на 8 мај и ако ти ја имаш власта, повели, терај ја понатаму државата“,
порача Пендаровски од митингот во Маврово.

Нечесно кон целиот народ, оцени тој, е поради несигурност во сопствениот политички концепт, да се бара поддршка од другите „зашто знаеш дека твојот кандидат можеби нема да може да ја истера целата работа сам“.
„Јас тоа не го правам, не го правев ни пред 24 април, нема да го правам ниту до 8 мај. Ќе го чекаме вечерта на 8 мај судот на македонските граѓани, како ќе речат тие, така ќе биде. Но, јас ве уверувам дека во гласовите на кандидатите кои отпаднаа има огромно мнозинство кои Македонија ја сакаат ваква – шарена со сите убави бои, со сите граѓани еднакви меѓу себе, со солидарност и со заеднички сили да оди напред“,
порача Пендаровски.
Очекувањата на Пендаровски се дека во вториот круг ќе добие огромен број на гласови од граѓаните кои во првиот круг ги поддржале останатите кандидати, од кои мнозинство, како што рече, се блиски до она што го застапува и пропагира тој. Не ја исклучува и можноста за победа на претседателските избори.
„Во вториот круг почнуваме од нула и тука навистина имаме голема шанса на крај да излеземе и како победници. Петте кандидати кои отпаднаа вкупно собраа 330 000 гласови. Јавно, гласно и јасно кажувам дека од тие 330 000 гласови, најголем дел, огромно мнозинство се блиски до ова што ние го пропагираме, застапуваме и кажуваме години наназад. Нашата притивкандидатка во вториот круг има сосем други замисли за Македонија, која мисли дека Македонија треба да се враќа назад и во тоа е сериозно поддржана од партискиот лидер кој ја поддржа како негов личен избор“,
порача Пендаровски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска ги повика сите оние кои се претставуваат како антивладини или опозициски гласачи или политичари да кажат кого од двајцата претенденти за претседателската функција ќе го поддржат во вториот круг од претседателските избори. Мицкоски изјави и дека се слушнал со лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, и дека очекува негова поддршка за Силјановска-Давкова.