„Народот одлучува дали ДУИ ќе се уништи или не – 24 април го докажа тоа и потврди дека ДУИ не се распаѓа“, порачал, меѓу другото, првиот интегративец од митингот во Струга
На 24 април се соочивме со опозициската коалиција „Вреди“, а на 8 мај ќе се соочиме и со ВМРО-ДПМНЕ. Ова од денешната средба со граѓани во Струга го порачал лидерот на ДУИ, Али Ахмети, барајќи поддршка за претстојните парламентарни избори. Истакнал оти победник на 8 мај мора да биде субјектот чија мисија е членството во ЕУ.

„Платформата ‘Да за Европа, Не за Русија’ беше наша, опозицијата сакаше само уништување на ДУИ. Ги разбирам и двете затоа што им удри сонцето, но народот одлучува дали ДУИ ќе се уништи или не – 24 април го докажа тоа и потврди дека ДУИ не се распаѓа, но сега ДУИ работи и дејствува, и со неа има уште осум субјекти. ‘Европскиот фронт’ на 24 април се соочи со опозицијата ‘Вреди’, а на 8 мај се соочуваме и со ВМРО-ДПМНЕ“,
порачал Ахмети од Струга.
Првиот интегративец истакнал оти целта и мисијата на ДУИ е земјава да стане полноправна членка на Европскта Унија, зашто друга алтернатива нема. Во овој контекст го споменал членството на С Македонија во НАТО-алијансата од кое, како што додал, корист имаат сите граѓани.
„На земјата ѝ треба повеќе мир, безбедност, стабилност бидејќи недалеку од нас има големи војни и Европа е загрижена и покрена мобилизација на воената технологија. На 8 мај мора да победи субјектот чија мисија е членството на земјата во Европската Унија, бидејќи успешно го завршивме членството во НАТО, од кое корист имаат сите граѓани”,
додал Ахмети.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претходно денеска во изјава за медиумите кажа дека претседателот на ДУИ, Али Ахмети, сака да влезе во владината коалиција со нив, но го критикуваше Ахмети оти е опкружен со луѓе кои го злоупотребуваат. Дел од новата влада по изборите, рече Мицкоски, ќе биде коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците.