Дали кога Али Ахмети викаше среде Скопје УЧК, УЧК е европски чин? Дали тоа доликува на европскиот фронт на ДУИ и СДСМ, праша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот што вечерва се одржа во Кочани

Додека се колнат во ЕУ ја купуваат Соравија, додека зборат за правда делат шамари во контролата на летање во Скопје, народот гладува, а тие си слават родендени во државни институции.
Ова на митингот во Кочани вечерва го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски критикувајќи ја Демократската унија за интеграција.
Мицкоски рече дека СДСМ не се огради од криминалот на ДУИ, а од ДУИ го употребуваат наративот дека биле европска партија додека, како што рече, џебовите им се полни со европски пари.
„Да ги прашам во ДУИ, затоа што и Ковачевски продолжува да молчи, дали кога Али Ахмети викаше среде Скопје УЧК, УЧК е европски чин? Дали тоа доликува на европскиот фронт на ДУИ – СДСМ? Нивното однесување ја подрива европската идеја, тие стануваат минери на европската идеја во Македонија, народот нив не ги идентификува со Европа и има европски функционери кои се срамат затоа што ЕУ не е олицетворение на корупција на ликовите какви што се Артан, Мерко и Талат“,
рече Мицкоски.
Носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ во третата изборна единица, Драган Ковачки рече дека Македонија е на нозе, а народот си ја враќа државата повторно во свои раце.
Според него, победата во првиот круг од претседателските избори покажала дека сите се за промена на, како што рече, оваа ненародна и корумпирана влада на СДСМ и ДУИ.
„Да не им дозволиме нови четири години за да крадат. Ковачевски му ја даде Македонија на Али Ахмети само за да опстои на власт, дозволи Македонија да стане држава на криминал и корупција, Македонија на сиромашни граѓани, Македонија каде економијата е на дното. Ковачевски е само еден обичен полтрон на Али Ахмети, а Стево Пендаровски нем набљудувач. Да не им дозволиме затоа што нивната цел е целосно да ја уништат Македонија, нашата Македонија која ја градиме години наназад и за која се бореле генерации и генерации“,
рече Ковачки.
Коалицијата „За твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ вечерва оджа митинг и во Виница.