Додава оти никогаш, дури ни во најтешките моменти од неговата кариера не се откажал, а нема да се откаже ниту СДСМ. Во оваа насока вели дека шансите за поправка на изборниот резултат од првиот круг од изборите се добри и дека верува оти ќе се случи тоа
Пораката од граѓаните и од нашите поддржувачи кои не гласаа е јасна – потребни се темелни промени со кои мора да се зафатиме веднаш по изборите. Ова е пораката што носителот на СДСМ и коалицијата во изборната единица 4, Венко Филипче, ја упати од вчерашната средба со граѓани, на два дена од првиот круг од претседателските избори на кои кандидатот поддржан од СДСМ освои 182 илјади гласа помалку од неговата противкандидатка од ВМРО-ДПМНЕ. Сега, додава Филипче, не е момент за откажување.

„Разговаравме за резултатот на изборите кој беше под нашите очекувања. Природно е да се чувствуваме обесхрабрени при ваков резултат. Но, големината на еден човек не се гледа во победите, туку во поразите. Пораката од граѓаните и од нашите поддржувачи кои не гласаа е јасна. Потребни се темелни промени со кои мора да се зафатиме веднаш по изборите. Но, сега е време за работа и воопшто не е сеедно колку пратеници ќе има СДСМ во идното Собрание. Имаме одлични кандидати кои ќе ги бранат интересите на граѓаните“,
порача Филипче за време на средбата со граѓаните.
Додава оти никогаш, дури ни во најтешките моменти од неговата кариера не се откажал, а нема да се откаже ниту Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Во оваа насока вели дека шансите за поправка на изборниот резултат од првиот круг од изборите се добри и дека верува оти тоа ќе се случи.
„Да ги подигнеме главите и да продолжиме да се бориме за она во што веруваме“,
вели Филипче.
Во првиот круг од изборите за претседател на државата кандидатот поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, освои 180 500 гласа, односно 182 илјади помалку од 363 086 гласа со кои претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, го заокружи првиот круг од изборите како апсолутен победник.
Вториот круг од изборите за шеф на државата, на кој ќе се соочат Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова, ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните.