Силјановска-Давкова вели дека во нејзината кампања говори за тоа што треба да го направи идниот претседател, додавајќи дека таа не го анализира противкандидатот, туку зборува за тоа што не го направил

Со тврдење дека води женска, ама витешка кампања, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова, вечерва пред крушевчани рече дека очекува на 8 мај, на двојните избори, да се случи политички вулкан.
Силјановска-Давкова вели дека во нејзината кампања говори за тоа што треба да го направи идниот претседател, додавајќи дека таа не го анализира противкандидатот, туку зборува за тоа што не го направил.
„Реков дека на 24 април ќе се случи политички земјотрес и мислам дека погодив. На 8 мај очекувам политички вулкан, зашто оваа земја заслужува да биде пристојно место за живеење. Крушево заслужува да биде град кој сите ќе сакаат да го видат. Град на среќни граѓани и весели деца, како некогаш“,
рече Силјановска-Давкова од пред Македониумот во Крушево.
Силјановска-Давкова пред крушевчани рече дека не агитира, но додаде дека гласот е на граѓаните и треба да го искористат токму тие.
„Вие знаете кому да го дадете. Искористете го, немојте да го оставите настрана, зашто тој значи одлука. Кога ќе гласате, помислете на Македониумот, на Тоше, на овој волшебно убав град кој мора да ‘врие’ од луѓе за да видат дека ние имаме многу градови што може да бидат градови на културата, на уметноста, на историјата“,
рече таа.
Силјановска-Давкова, пред поддржувачите, даде ветување дека ќе стори се овој град да го видат сите.
„Не се осмелувам да навивам, овде, пред Македониумот. Но, еве, за сите Македонци, за сите крушевчани и за сите граѓани на Македонија, без оглед на каква било припадност, мислам дека доволно кажува зборот Македониум“,
додаде Силјановска-Давкова.
Таа рече дека да се стои пред Македониумот, пред потомците на Питу Гули и Никола Карев, е чест и обврска.
„Да бидете во градот на незгасливата музичка ѕвезда Тоше е симфонија. Да се дружите со креативните крушевски жени е уметнички чин“,
рече таа.
Според неа, Крушево е заборавено, а културата и уметноста се неискористени. Се чудам, рече таа, како може овој град да остане вака заборавен.
„Дали навистина ние треба да стоиме гордо пред Македониумот, или треба да имаме грижа на совест, бидејќи кога ќе застанете пред Македониумот треба да знаете што значи тоа низ историјата и денеска. Се чудам како може овој град да остане вака заборавен. Видов напуштени куќи кои итно треба да се ‘стокмат’“,
додаде таа.
Оваа власт, рече таа, е потрошена и треба да си замине, ВМРО-ДПМНЕ треба да се потсети на сите научени лекции и да рече дека никогаш нема да го направи тоа што се случило, и така ќе зачекориме напред.
Денеска во Крушево беше и противкандидатот на Силјановска-Давкова, актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски кој пред крушевчани ги негираше обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе го бојкотира вториот круг од изборите, закажан за 8 мај.