Говорејќи за изборниот резултат од првиот круг на претседателските избори, Ковачевски рече дека ја слушнале и ја разбрале пораката што им била упатена од граѓаните и оти им е јасно дека партијата треба да се менува

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и носител на листа во Изборната единица 1, Димитар Ковачевски денеска од митингот на „Коалицијата за европска иднина“ во скопската Општина Центар порача дека СДСМ е силна партија и ако некој, како што рече, гаи илузии дека така лесно ќе се откажат од борбата, тогаш или не ги познава или ги потценува.
Ковачевски, говорејќи пред центарци, се осврна и на, како што рече, искрите кои деновиве ги гледа меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, за кои рече, „многу лесно може да ги потпалат тензиите кои успешно ги затрупавме во минатото“.
„Затоа имам порака и до Македонците и до Албанците и до сите останати етнички заедници во Македонија – не дозволувајте да го растуриме мултиетничкото ткиво на нашето општество кое макотрпно го градиме три децении и кое успеавме да го унапредиме во последните седум години“,
рече Ковачевски.
Лидерот на СДСМ упати и порака до „Европскиот фронт“ предводен од Демократската унија за интеграција (ДУИ).
„Сакам да им порачам и на ‘Европскиот фронт’, како што се нарекуваат, дека не се прави европски фронт без ниту едно европско знаме и со извици од едно анахроно време од пред 24 години. Бидејќи Европа е иднината, а тие извици се на минатото“,
додаде тој.
Говорејќи за изборниот резултат од првиот круг на претседателските избори, Ковачевски рече дека ја слушнале и ја разбрале пораката што им била упатена од граѓаните и оти им е јасно дека партијата треба да се менува.
„Ние сме свесни, а бевме свесни и претходно дека постои незадоволство и тоа јасно го кажував. Мене и на моите другари ни е јасно дека партијата треба да се менува за да ја вратиме довербата на граѓаните. Многу добро знам дека првиот чекор кон промена е прифаќање на сопствените грешки. Ние сме подготвени на секој резултат кој е одраз на волјата на граѓаните, но нема да се откажеме затоа што знаеме дека резултатот сѐ уште не е одлучен“,
рече Ковачевски.
Лидерот Ковачевски и денеска повтори дека во СДСМ постои цврсто единство и оти ќе продолжат да се борат за она во што веруваат, а тоа е, како што вели тој, прогресивна, напредна и подобра Македонија.
„Сакам да им порачам на дел од моите другари дека многу е поголемо задоволството кога ќе се измачиш во борба со својот политички или било каков противник отколку да избереш полесна борба да се бориш против своите бидејќи тоа е и најлесната борба. Тоа е борба која нема победник. Единствена борба во која се победува е таа во која со вашата идеја и визија победувате против вашиот противник. Ние нема да се откажеме од таа борба“,
додаде тој.
Ковачевски, пред центарци, говорејќи за она што изминатите години како влада го сработиле, потсетувајќи на цената на електричната енергија и на справувањето со ценовниот шок, потсети и на обезбедувањето парно греење за скопјани, кои го немаа поради, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ и нивната градоначалничка Арсовска.
„Знам дека грешките секогаш повеќе се паметат. Знам дека и на граѓаните не им беше лесно во изминатите неколку години. Јас никогаш не побарав благодарност“,
додаде тој.