Општините Карпош и Центар се приближуваат до одзив од 50 отсто, додека убедливо најмала излезеност има во Шуто Оризари, по што следуваат Чаир и Сарај
Во апсолутни бројки, најголем број на избирачи го оствариле гласачкото право во Аеродром, близу 30 000, додека најмалку во Шуто Оризари – околу 5 000
Карпош и Центар се предводници меѓу скопските општини според процентот на излезеност до 15 часот. Како што покажуваат податоците од Државната изборна комисија, на обработени 98,05% од податоците, до 15 часот во Карпош излегле 45,24% од запишаните избирачи, додека во Центар речиси идентични – 45,22%.
Веднаш по овие две општини, следуваат Аеродром и Кисела Вода, каде што разликата во излезеноста е незначителна споредено со Карпош и Центар. Од друга страна, пак, најниска е излезеноста во Шуто Оризари. Таму, до 15 часот, гласале само 19,55% од запишаните избирачи. Следува Чаир, каде што гласале 32,03% од гласачите и Сарај, каде што гласале 32,38%.

Сликата е нешто поразлична кога станува збор за апсолутниот број избирачи што го искористиле правото на глас. Најмногу луѓе гласале во Аеродром, па во Карпош, а потоа во Гази Баба и Кисела Вода. На средината се Центар и Чаир. Најмалку гласови, пак, се депонирани во Шуто Оризари и Сарај.
