„Мораме да знаеме дека решенијата врзани за т.н. консоцијативна демократија и елементи на консоцијативна демократија, што значи не асоцијација на граѓани, туку покрај граѓаните и консоцијација на лидерите на сегментите, секогаш и секаде се третира како решение од нужда и времено решение. Што значи тоа? Додека не се овозможи еднаквост на шансите на различните ентитети, во случајов, на етничките ентитети“, рече во предизборно интервју за „360 степени“ на МРТ 1 кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за шеф на државата, Гордана Силјановска-Давкова

Силјановска-Давкова: Да се концентрираме на измени на Уставот што ќе гарантираат функционалност на системот. Тоа не смеат да го прават само партиите. Мора во уставната комисија да има и експертски дел кој континуирано ќе работи, како во демократските држави, на детектирање на проблемите и ќе дава излезни решенија.
360°: Ајде кога ова веќе го споменувате, формулацијата што ја користите е дека му треба темелна реформа на овој ‘Франкенштајн устав’. На што попрецизно мислите? Ме интересира, на пример, што мислите да правите со решенијата од Рамковниот договор кои се дел од Уставот?
Силјановска-Давкова: Кога е Рамковниот договор во прашање, порано се спомнуваше духот на Рамковниот. Мислам дека, во реализацијата…
360°: Сѐ уште се повикуваат на духот.
Силјановска-Давкова: Целосно се отстапува од духот на Рамковниот договор.
360°: Колегата ваш, Бујар Османи, кога предлага избор на шефот на државата во Собранието со двотретинско, а додава и со двојно мнозинство, се повикува во духот на Рамковниот.
Силјановска-Давкова: Воопшто не е така. Мораме да знаеме дека решенијата врзани за т.н. консоцијативна демократија и елементи на консоцијативна демократија, што значи не асоцијација на граѓани, туку покрај граѓаните и консоцијација на лидерите на сегментите, секогаш и секаде се третира како решение од нужда и времено решение. Што значи тоа? Додека не се овозможи еднаквост на шансите на различните ентитети, во случајов, на етничките ентитети.
360°: И мислите дека сме достигнале еднаквост на шансите?
Силјановска-Давкова: Во поглед на бројките – да, одговорно тврдам. Побарајте податоци од Министерството за информатика и администрација, ќе видите. А на внесувањето сега и на нерезидентното население во резидентното, па наместо 24% сега 30%, тоа е непознат феномен…
Второ, зошто духот е напуштен? Имено, во самиот Рамковен договор каде што пишува „правична и соодветна“ веднаш објаснува дека покрај стручноста и компетентноста, секогаш е таа прва, ќе се почитува и ова начело. Кај нас стручноста и компетентноста се суспендираа и етничката припадност стана занимање.
360°: Кога зборувате за темелна реформа на овој ‘Франкенштајн устав’ мислите и на тргање, елиминирање на дел од тие одредби?
Силјановска-Давкова: Јас дури не мислам на елиминирање на одредбите бидејќи темелна вредност е правична и соодветна застапеност. Инаку, погрешно лоцирана во темелни вредности. Погрешно зашто темелна вредност е филозофско, метафизичко нешто, непресушно – владеење на право, заштита на слободи и права, заштита на животна средина, поделба на власта, разбирате, а ова се однесува, всушност, главно на вработувања, вработување не само во државна јавна администрација тука и на други нивоа. Значи, правилната примена како што сега ја кажувам јас, ако тоа не е врзано само за етничка припадност, туку прво стручност и компетентност, а потоа и земање предвид оти не може да биде иста ситуацијата и на државно ниво и на локално ниво, некаде можеби ќе има и понатаму потреба од афирмативна акција во определени средини ама никако не може да стане занимање Македонец, Албанец, Турчин… Зошто, бидејќи тогаш вработувањето, номинирањето, изборот не се прави според законските критериуми, туку преку моќта на лидерите на сегментите. Тоа мора да се тргне, инаку ќе добиеме што ќе добиеме, парадокс. Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, читајте министерство на Артан Груби или албанско министерство без надлежност или, ако сакате, за родендени, прослави… Ама сега и Владата стана објект за прослави.