Кандидатот за претседател на државата поддржан од СДСМ и коалицијата вели дека за него е несфатливо на предизборните собири за претставување на претендент за шеф на државата, наместо него, да зборуваат партиски претставници
Не можам да сфатам како, без притоа да критикувам некои од другите кандидати за претседателското столче, на плакат да ме пишува мене или – дојдете да го проследите митингот на кандидатот за претседател на државата, а двајца или тројца кандидати за пратеници или дел од раководството на партијата да зборуваат наместо мене, одговори Стево Пендаровски во „360 степени“ на МРТ 1 на прашањето – зошто на митинзите главно настапуваше сам, без лидерот на СДСМ, кој се појави само на неколку собири во Скопје.
„Да не заборавиме, во 2014 година бев дури и повеќе сам од сега, сега само некои од митинзите во помалите места ги водам и ги започнувам, а тогаш сите јас ги почнував и завршував, и онаа иновација што ја направив пред десет години – сакам да разговарам со публиката, со граѓаните кои дошле и микрофонот им го давам ним“,
рече Пендаровски.

На прашањето дали, сепак, тоа што е главно сам е поради разликата меѓу неговиот и рејтингот на партијата што ја поддржува, Пендаровски вели дека веројатно е неспорно дека неговиот личен рејтинг е подобар од партискиот, но повтори дека тоа нема никаква врска со неговите соло настапи на митинзите и средбите со граѓаните.
„Кандидатот за премиер Ковачевски досега говореше на пет мои митинзи, четирите скопски општини, бидејќи е носител во ’единицата’ и на вчерашниот митинг во Скопје, кој беше завршен за мене, а почетен за нив за парламентарната кампања. Од 19 дена, дваесеттиот е молк, иако велиме 20 дена кампања, практично на секој трет ден имал заеднички настап со мене и ниту еден друг носител на листа не зборувал на моите митинзи. А околу рејтинзите, може да дебатираме, зависи од каде доаѓаат, но отприлика еден пресек е во тие параметри кои ги зборувате“,
рече кандидатот за претседател поддржан од СДСМ.
Тој вели дека прашањата кои ги добива од публиката на митинзите не се однапред договорени, туку напротив, па во кампањата се случиле и неколку испади од присутните кога одредени лица лично ги нападнале неговите противкандидати.

„Тоа се луѓе на кои сум им јас близок и има многу мала група која оди секаде да види кој што нуди, меѓутоа да не претерам, ама на секој втор митинг, а јас ги имав околу 72 во целата оваа кампања, имаше прашање кое е малку непријатно, не за мене, туку за публиката зашто тука има и лични напади кон некои од кандидатите и тоа не се договара“,
вели Пендаровски.