Гласачите на седмите претседателски избори ќе можат да се определат за еден од седумтемина кандидати за претседател – петмина мажи и две жени
Иако денеска е последен ден од кампањата за претседателските избори, сепак презентирањето на партиските програми за парламентарните избори на 8 мај ќе продолжи и во овие денови на предизборен молк

Кандидатите за шеф на државата денеска го имаат последниот ден за промоција на нивната кампања за првиот круг од претседателските избори, пред молкот што настапува ноќеска на полноќ. Предизборниот молк ќе трае до 24 април до 19 часот, односно до затворање на избирачките места.
За изборите за претседател во Избирачкиот список се запишани 1 814 317 избирачи. Во изводите од Избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1 713 758 избирачи, додека во странство во дипломатско-конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии ќе гласаат 2 569 избирачи.
Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор, запишани се 2 147 избирачи.
Запишани се и 534 избирачи, кои поднеле пријава за гласање, во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат во установи за вонсемејно згрижување. Две лица се водат како внатрешно раселени лица.
Гласачите на седмите претседателски избори ќе можат да се определат за еден од седумтемина кандидати за претседател – петмина мажи и две жени. Кандидирани се актуелниот претседател Стево Пендаровски поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ваковска, поддржана од Левица, Максим Димитриевски – Движење ЗНАМ, Стевчо Јакимовска – ГРОМ, Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ и Бујар Османи поддржан од Европскиот фронт.
Седумтемина кандидати и денеска ќе продолжат со предизборните активности.
Претседателскиот кандидат од коалицијата предводена од СДСМ, Стево Пендаровски, предизборните активности денеска ќе ги заврши со митинг во Битола, а ќе има средби со граѓани во Демир Хисар и Ресен.
Кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова ќе ја презентира својата програма пред граѓаните во Лозово, Карбинци, Пробиштип и Штип.
Движењето ЗНАМ во седиштето на партијата во Скопје ќе одржи прес-конференција на која ќе се обрати д-р Злате Мехмедовиќ.
Иако денеска е последен ден од кампањата за претседателските избори, сепак, презентирањето на партиските програми за парламентарните избори на 8 мај ќе продолжи и во овие денови на предизборен молк.
Карактеристично за овие избори е што тие наместо в недела, ќе се спроведат во среда, ден што Владата го прогласи како неработен.
Вториот круг од претседателските избори, што е извесно дека ќе го има, ќе се поклопи со парламентарните избори на 8 мај, а гласачите кога ќе дојдат на избирачките места пред да ги добијат гласачките ливчиња, ќе треба да се изјаснат дали ќе гласаат за двата избори или не. Доколку не сакаат да гласаат на некој од изборите, нема да можат во текот на денот да се премислат и да се вратат на избирачкото место повторно и да гласаат.
Утре ќе гласаат дијаспората, затворениците, лицата во старските домови и болните и изнемоштени лица. Гласањето за претседател почна со членовите на избирачките одбори кои отпатуваа да го спроведат гласањето во дијаспората. Во посебниот извод од Избирачкиот список се запишани 191 избирачи кои треба да го спроведат гласањето во дијаспората.
Во дијаспората, утре од 7 до 19 часот, ќе се спроведе гласање во Абу Даби каде се пријавиле 26 гласачи, во во Белград-31, Берлин-260, Берн – 186, Бон – 164, Брисел -93, Вашингтон-34, Венеција – 79, Виена – 123, Детроит-34, Загреб-87, Канбера-31, Копехаген-74, Лондон-87, Љубљана-332, Минхен-166, Мелбурн-64, Њујорк-85, Осло-41, Париз-44, Прага-52, Рим-30, Стокхолм-85, Торонто-117, Хаг-65, Чикаго-88, Анкара-18, Варшава-23, Мадрид-18, Пекинг-12 и Софија 22.
Другите македонски државјани, што живеат во странство, своето право на глас можат да го остварат во избирачките места во земјата, согласно адресата во личните документи.
Државната изборна комисија (ДИК) викендов го дистрибуираше недоверливиот и доверливиот материјал, вклучувајќи ги и избирачките ливчиња, до Општинските изборни комисии кои во вторник треба да го достават до Избирачките одбори.
Според најавите, првичните информации за изборните резултати би требало Државната изборна комисија да ги објави пред полноќ на 24 април.