СДСМ повторно користи примитивна антибугарска пропаганда во својата изборна кампања, објави Бугарската новинска агенција – БГНЕС.
Во анализата на репортерот на БГНЕС се наведува дека партијата ја претставува Бугарија како одбранбен играч на фудбалски натпревар кој агресивно се обидува да го спречи македонскиот напаѓач да стигне до целта, имплицирајќи дека Бугарија ја кочи Македонија во нејзините евроинтеграции.

„Во измислениот меч за кој е направено и специјално видео, Софија и Скопје се претставени како жестоки противници. Играчот облечен во бугарските бои го влече македонскиот напаѓач за дресот. Претставени се и грчки и француски одбранбени играчи кои го спречуваат македонскиот фудбалер да постигне гол“,
пишува БГНЕС.
Во објавата е пренесена и изјавата на Ковачевски од видеото каде што тој порачува дека нема откажување од иднината.
„Иднината на Македонија не е игра. Секој предизвик што го надминуваме нè приближува до нашата цел. Само СДСМ има јасна визија и сила да ја однесе Македонија во Европската Унија. Заедно ќе победиме. Нема откажување од иднината“,
вели Ковачевски во видеото.