Во однос на објавувањето на првичните резултати, Даштевски рече дека се допрецизираат деталите со цел до ДИК побрзо да се испраќаат поважните податоци и првичните резултати веќе да бидат објавени до полноќ

Државната изборна комисија (ДИК) е подготвена да спроведе фер, демократски и кредибилни избори, вели претседателот Александар Даштевски.
Даштевски очекува изборите да поминат во најдобар ред и ДИК да излезе со првични неофицијални резултати до полноќ.
Во интервју за МРТ, Даштевски рече дека од денес почнува доставата на доверливиот и недоверливиот материјал до општинските избирачки комисии (ОИК) и дека останува тие да ги примат материјалите и да ги достават до избирачките одбори.
Даштевски рече дека имале состанок со претставници на Министерството за образование и наука и дека е договорено ден пред изборите, во оние училишта каде ќе се спроведуваат изборите, наставата да трае до 11 часот, по што ќе почне да се носат изборните материјали.
Во однос на објавувањето на првичните резултати, Даштевски рече дека се допрецизираат деталите со цел до ДИК побрзо да се испраќаат поважните податоци и првичните резултати веќе да бидат објавени до полноќ.
„Партиите се многу побрзи во објавувањето на резултатите затоа што нивните членови се на лице место. Имаме план кој треба да го доразработиме со компанијата која ќе биде задолжена за објавување на податоците со цел некои податоци кои се најважни да ги испраќаат побрзо за да ги објавиме првичните неофицијални резултати до полноќ. Сметам дека ќе успееме во тоа“,
рече Даштевски.
Досегашната кампања, Даштевски вели дека е во рамки на правилата на игра и дека досега не се забележани посериозни инциденти и напади.
„Досега немаме добиено никаква пријава дека некој постапува спротивно на правилата. Доколку има, би имало пријави. Мислам дека не се пречекоруваат правилата кои се задолжителни со Изборниот законик“,
рече Даштевски.
Во поглед на тоа што веќе е започната кампањата за парламентарни избори, а во вторник е изборен молк за претседателските избори, Даштевски појасни дека тој ден може да продолжи кампањата за парламентарните избори, но дека не смее да се промовираат претседателските кандидати во медиумите.
Во однос на цензусот за претседателските избори и дали би можело да се случи тој да не се постигне во вториот круг, Даштевски очекува дека цензусот ќе се постигне.
Двојните избори, според проценките на ДИК, ќе чинат околу 17 милиони евра. Досега акредитирани се 942 набљудувачи од ОБСЕ, 568 се меѓународни набљудувачи, а домашни 342 и 32 акредитирани новинари.