Се задолжува Академијата за судии и јавни обвинители започнатата постапка за прием на 130 слушатели, да ја стави во мирување до завршување на изборите за избор на претседател на државата и пратеници во Парламентот и Владата“, се вели во одлуката од ДКСК
Претседателката на Академијата, Наташа Габер-Дамјановска, во своето обраќање пред ДКСК, рече дека станува збор за јавен оглас за прием во почетна обука, а не за работно место и не за вработување

Со четири гласа „за“ и еден „против“, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) попладнево повторно одлучи во корист на кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова за процесот на тестирање и селекција на кандидати во Академија за судии и јавни обвинители во време на изборен процес.
Со донесената одлука, ДКСК ѝ предлага на Академијата за судии и јавни обвинители да ја стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели до завршување на изборите.
Против одлуката на ДКСК, Академијата за судии и јавни обвинители може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа.
„Се задолжува Академијата за судии и јавни обвинители започнатата постапка за прием на 130 слушатели да ја стави во мирување до завршување на изборите за избор на претседател на државата и пратеници во Парламентот и Владата“,
се вели во одлуката.
Против одлуката гласаше членот на ДКСК, Софија Спасова-Медарска, која во образложението за својата одлука рече дека според Уставот, судската власт е самостојна, независна и јасно одвоена од законодавната и извршната власт. Согласно тоа, рече Спасовска-Медарска, процесите што се одвиваат во рамки на правосудството, не би смееле да се доведуваат во врска и да зависат од политичките процеси, како што е изборниот процес.
„Во таа смисла, постапката за прием во почетна обука на идни судии и јавни обвинители ниту треба да го чека исходот од изборите за претседател, пратеници и изборот на Влада ниту, пак, изборниот процес и неговиот исход на било каков начин може да има влијание на таа постапка“,
рече Спасова-Медарска.
Според неа, итноста и неопходноста од нови кадри во рамки на правосудството можат да ја проценуваат и определуваат само Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во чија надлежност е да ги следат состојбите со испразнетите места и да го определат потребниот број слушатели кои ќе ги едуцира Академијата во секоја генерација.
Спасова-Медарска рече дека мислењето на ДКСК дадено од претходниот состав по истото прашање треба да се уважи бидејќи, како што рече, нема суштинска разлика во состојбите.
„Ова од причина што и тогаш и сега се работи за постапка за прием на слушатели на почетна обука во АСЈО и тогаш и сега истото било планирано и започнато пред изборите и тогаш и сега за истите претходно била обезбедена согласност за обезбедени финансиски средства за вработување и тогаш и сега предметната одредба од Изборниот законик е иста. Начелото на законитост му налага на органот да постапува исто во иста или слична правна ситуација“,
рече таа.

Ако во 2017 година, додаде Спасова-Медарска, Државната комисија при иста или многу слична фактичка и правна ситуација дала мислење дека нема законска пречка да се реализира започната постапка за вработување, се поставува прашање како може сега да се смета дека истото постапување претставува повреда на законот, рече таа пред гласањето.
Претседателката на Комисијата, Татјана Димитровска, рече дека ДКСК е на ставот дека кандидатите во Академијата се во работен статус и не смее да се врши селекција бидејќи со тоа се крши Изборниот законик.
„Дејствијата преземени во Академијата за судии и јавни обвинители по однос на пријавената постапка за вработување и склучување на договор за вработување на кандидати со Академијата не се испочитувани забраните утврдени во член 34 став 1 алинеја 3 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и член 8-а став 1 алинеја 3 од Изборниот законик, односно започната постапка не е ставена во мирување имајќи во предвид дека со стекнување статус на слушател на почетната обука на Академијата слушателот заснова работен однос на определено време“,
рече Димитровска.
Претседателката на Академијата, Наташа Габер-Дамјановска, во своето обраќање пред ДКСК, рече дека станува збор за јавен оглас за прием во почетна обука, а не за работно место и не за вработување.
„Апликацијата што кандидатот ја поднесува е за упис, а не за работно место. Најголемиот број на кандидати, можеби и сите, се вработени на други работни места, не постои двојно вработување. Академијата актуелно не вработува. Оние што сега полагаат имаат статус на кандидат. Само оние што ќе се стекнат со статусот слушател склучуваат работовремен работен однос со Академијата. Статусот слушател во моментот не го има никој. Тоа ќе биде после сите фази на тестирањето и другите законски процедури“,
рече Габер-Дамјановска.

Таа додаде и дека средствата може да се вратат и тоа не само тие туку и едукацијата што лицето ја имало доколку неуспешно ја заврши Академијата или неуспешно стигне до една фаза од полагањето на тестовите во рамки на АСЈО.
„Испитите во Академијата не играат никаква улога во изборот на претседател на државата. Како што е јасно дека за фиктивното прекршување на член 8-а од Изборниот законик стои само евентуална прекршочна казна, но позадинсата експлицитна порака е сосема јасна: Вршење на непринципиелен политички притисок врз судството за стопирање на процесите кои се одвиваат во него. Дали треба да зборуваме за одреден каприц на подносителот кој треба да ги замара Академиите, комисиите, судовите“,
рече таа.
На 6 април до Антикорупциската комисија беше доставен приговор од кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска – Давкова дека Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) спротивно на Изборниот законик, заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.
Приговорот од Силјановска – Давкова беше поддржан од ДКСК со образложение дека се основани изнесените сомневања за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик, по што Академијата на судии и јавни обвинители поднесе тужба која на 13 април беше разгледана и уважена од Управниот суд. По уважувањето на тужбата на АСЈО од страна на Управниот суд, приговорот беше вратен во ДКСК на повторно постапување.