Еден премиер за сите. Не за Русија, да за Европа. Договор за економски консензус. Ова се трите главни столба на програмата на ДУИ за парламентарните избори. Актуелниот министер за финансии Фатмир Бесими нагласи дека идејата за првиот столб „Еден премиер за сите“ е продолжување на тоа што досега е остварено што претходно беше презентирано како прв премиер Албанец во Македонија.
Според Бесими, во првиот столб е содржан и концептот на консензуалност во донесувањето на важни одлуки за земјата како и консензуален претседател кој ќе се избира во Собрание со 2/3 од гласовите и со Бадентер.

„И тогаш и сега оваа намера е да имаме премиер кој е еднаков за сите, кој дава еднакви можности за сите и гради држава која ќе биде спремна за членство во Европска Унија. И тогаш, и денес, и во иднина, идејата на овој слоган ‘Еден премиер за сите’ е да се обезбеди систем што ќе даде можност за добро владеење, еднаквост, консензус, кохезија , владеење на правото и правдата, борбата против корупцијата и организираниот криминал, професионална администрација, дигитализација на јавните услуги, безбедност и ред“,
рече Бесими.
Вториот столб на ДУИ во оваа програма е „Не за Русија, да за Европа“ за кој Бесими образложи дека тука се предвидени интеграција на земјата во Европската Унија, регионалната соработка, геополитиката и НАТО, како и партнерството и Стратешкиот дијалог со САД.
„Тука определбата е за интеграција во Европска Унија до 2030 година, уставни измени во 2024 година и отворање на преговорите за Европска Унија во 2024 година. Регионална соработка во геополитиката и усогласување целосно на ставовите во однос на надворешната и безбедносна политика со земјите членки на НАТО, Европска Унија и не за руското влијание. Партнерство со Стратешки дијалог со САД според договорот во областа на безбедноста, владеењето на правото, економијата, трговијата, визниот режим и културата“.
додаде Бесими.
За трета точка „Договор за економски консензус“, Бесими нагласи дека тука е предвидено партнерство со сите чинители во општеството, бизнис-заедницата, претставниците на синдикатите, претставниците на другите организации во општеството.
Во програмата на ДУИ за парламентарните избори е и модерна инфраструктура и рамноправен регионален развој каде што се предвидени современ транспорт и комуникација, како и изградба на автопатишта по коридорите 8 и 10, автопатот Скопје-Блаце, патот Тетово-Призрен, модернизација на железничката пруга 8 и 10 и зелени транзитни зони во Западен Балкан.