Таа им вети на граѓаните дека нема да ги срами и дека нема да ги заборави државните и националните интереси кои актуелната власт, како што рече, не само што ги заборави, туку и ги погази
Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова вечерва на предизборниот митинг во Охрид порача дека на 9 мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, ќе ја прослават победата.
Таа им вети на граѓаните дека нема да ги срами и дека нема да ги заборави државните и националните интереси кои актуелната власт, како што рече, не само што ги заборави, туку и ги погази.

„Верувајте ми, има моменти во историјата! А таков е овој, кога мора да сме заедно! Кога како никогаш досега, потребна ни е вашата поддршка! Без вас не може да направиме единство! Без вас Македонија не може да биде ниту твоја, ниту горда! Без вас не може да дојдеме до победа! Вие го имате првиот и последниот збор! Ви веруваме“,
порача Силјановска.
Таа потсети дека денеска е Денот на светското културно наследство и во тој контекст истакна дека Охрид е незаменлив и дека е споменик и дом на европското христијанство. Силјановска повика час поскоро да се активира универизтетот на Плаошник.
„Оваа власт не знае што е култура, за неа културата е бизнис. Ако започна изградбата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, мора да доврши. Во насока на јакнење на културниот туризам ќе покренам организирање на меѓународен форум – Плаошник форум, на кој ќе се дискутира соработката на цивилизациите, религиите и културите. Сето ова во соработка со УНЕСКО и Министерството за култура! Упатувам порака дека: Плаошник може да биде центар на дијалог на цивилизациите! Дијалог на религиите! Центар на културен дијалог! Затоа сум горда на него“,
додаде Силјановска-Давкова.