Пендаровски, покрај во Виница, одржа граѓански митинг и во Кочани каде одговори на прозивките од противкандидатката Гордана Силјановска-Давкова за негови наводни средби со криминалци и нарко-босови
Христијан Мицкоски веројатно заборава, но интернетот не заборава кога на тогашниот бугарски премиер Бојко Борисов на чист бугарски јазик му кажа дека го поддржува Договорот за добрососедство, изјави вечерва во Виница претседателскиот кандидат на СДСМ и актуелен шеф на државата Стево Пендаровски.
Пендаровски меѓудругото, порача дека добро е Македонија што побрзо да стане земја-членка на ЕУ, затоа што тоа ќе донесе повеќе пари за земјоделството, за инфраструктурни проекти, за европски стандарди со што ќе се стави крај на иселувањето на младите.

„Тој (Мицкоски) веројатно заборава дека интернетот не заборава. Тој може да не лаже дека не го кажал тоа, меѓутоа тој на чист бугарски јазик му вели ‘Ште поткрепиме тој договор’. Ако јас лажам, повелете на интернет, проверете. Кога Мицкоски вели дека само како Бугари можеме да влеземе во ЕУ, не сака да каже една друга негова изјава, негов став и став на неговата политичка партија, дека тие се наследници на Ванчо Михајлов. Значи вели, шефот на историското ВМРО од тоа време и денешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ се во континуитет, значи тој се смета себеси за наследник на Ванчо Михајлов. А сите вие знаете дека Михајлов целиот свој живот се декларирал како Бугарин“,
порача Пендаровски одговарајќи на прашање на граѓанин за односите со соседите.
Пендаровски, покрај во Виница, одржа граѓански митинг и во Кочани каде одговори на прозивките од противкандидатката Гордана Силјановска-Давкова за негови наводни средби со криминалци и нарко-босови.
„Јас сум последниот човек во Македонија за кој можеш да помислиш дека се дружи со нарко босови. Но, знам некои од нејзиното најблиско опкружување кои се криминалци уште од раните 1990-ти и ако сега има ветинг, не би го поминале. Значи луѓе кои несразмерно се обогатиле, од кршење на санкциите на во тоа време од бивша Југославија, од раните 1990-ти, кога со фри шоповите на северна граница во еден ден се правеше промет од еден милион германски марки“,
посочи Пендаровски.
Тој истакна дека неговиот имот е на показ, дека има анкетен лист.
„Нека проверат колку пари наводно ми префрлиле тие нарко босови. Но, повторувам во тој дел, споредба меѓу мене и неа, меѓу нејзините пајташи, другари што ја поддржуваат сега е невозможна. Значи станува збор за кандидатка која е предложена од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Да ве потсетам, еден од првите случаи што Специјалното јавно обвинителство го отвори беше не само за поединци од таа партија, туку и за партијата како таква во целост и поради тоа тие до ден денес имаат блокирана жиро сметка. Значи криминална организација ја кандидира госпоѓата, а таа мене ме обвинува дека сум бил другар со нарко-босови. Нека ѝ служи на чест“,
посочи Пендаровски.
Пендаровски истакна дека потребен е целосен ветинг на политичарите, но особено на судиите и обвинителите и порача дека тоа треба да се случи што е можно побрзо.
„Да не постои таков сомнеж или генерална перцепција кај народот дека за 10 ќебапчиња или за 50 денари од наплатна рампа се оди во затвор, а за украдени милијарди се живее лагодно на некој од даночните рајеви, за да го избегнеме тоа, јас сум за ветинг, за проверка на секој од нас“,
посочи претседателскиот кандидат на СДСМ.
Претходно Пендаровски се сретна со жителите на Чешиново-Облешово од каде порача дека „немаме уште 20 години да чекаме, туку треба да ги направиме следните чекори, за повеќе да не биде изборно прашање ‘Дали сте за Европа?’“.
„Добро е да се биде членка на ЕУ, кога си земја членка на ЕУ добиваш огромни средства од европските фондови прво за земјоделство, а потоа и за инфраструктура. ЕУ дава сериозни пари за да се обезбеди рамномерен регионален развој за да не биде некој регион многу богат, а некој многу сиромашен и поради тоа важно ни е да станеме земја-членка на ЕУ“,
изјави Пендаровски.