Од Здравство велат дека компресорската станица требало да биде променета уште пред три години и најавуваат дека во тек се активности за проверка на сите компресорски станици во Клинички центар и брзо ќе се пристапи кон промена на оние што се дотраени
Не е точна информацијата за наводен колапс на Клинички центар, информираат од Министерството за здравство откако денеска од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение обвинија дека три дена сите хируршки сали на Клиничкиот центар биле надвор од функција и итните и животно загрозувачки пациенти не можеле да ја добијат потребната услуга.
Од Министерството за здравство велат дека имало дефект на еден од компресорите поради што два дена не се вршеле интервенции на пациентите кои биле на листата на чекање, а не на итните случаи.
„Се работи за дефект на еден од компресорите поради што многу инструменти зависат од притисок кој го генерираат пумпите, затоа во тек на два дена елективниот програм, а не итните случаи беа одложени. Проблемот е саниран, а со кислородот немало никаков дефект“,
се вели во реакцијата од Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека во вторникот била реализирана средба со директорите на Градската општа болница „8 Септември“, ТОАРИЛУЦ, Клиниката за дигестивна хирургија и КАРИЛ и било постигнато усогласување, а во тек е усвојување на план за тоа како ќе се одвива преместувањето на пациентите кога ќе почне реновирањето на КАРИЛ.
Од Здравство велат дека компресорската станица требало да биде променета уште пред три години и најавуваат дека во тек се активности за проверка на сите компресорски станици во Клиничкиот центар и брзо ќе се пристапи кон промена на оние што се дотраени.
Од Министерството за здравство апелираат информациите да не се злоупотребуваат од политичките партии со цел собирање политички поени.
Во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинија дека е недозволиво да се случи колапс на терциерно ниво, каде што се третираат итни и неодложни состојби и оти ова се случува по првпат во историјата на македонското здравство.
„Неспособната власт која не водеше грижа за инфраструктурата, освен што до колапс го доведе хируршкиот блок на Клинички центар кој надвор од функција беше три дена, сега согласно информациите пет дена истечен е сертификатот за порталот на ФЗОМ и не е во функција“,
се додава во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.