Османи рече дека доколку стане претседател, нема да потпише ниту еден закон кој нема да го помине овој борд за валидација и ветинг на влијанието на проектите и законите врз животната средина

Претседателскиот кандидат од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, Бујар Османи најавува основање борд за валидација кој ќе врши ветинг на сите проекти и закони што се поврзани со заштитата на животната средина.
Според Османи, прашањето за заштита на животната средина е во нераскинлива врска со државната безбедност.
„Додека се соочуваме со предизвиците на 21 век неопходно е да ја признаеме нераскинливата врска помеѓу нашата околина и државната безбедност. Како кандидат за претседател се посветувам на зелената агенда која го става на прво место здравјето на нашата планета и доброто на нашите граѓани“,
рече Османи на денешната прес-конференција.
Османи додаде дека доколку биде избран за претседател, ќе предложи основање ваков борд за валидација, за кој вели дека ќе биде посветено тело, составено од домашни и меѓународни експерти.
Бордот, како што рече Османи, ќе врши ветинг на сите проекти и закони за заштита на животната средина и ќе гарантира дека сите закони се одржливи.
„Овој борд ќе служи како чувар на нашето културно наследство осигурувајќи дека секоја одлука која ќе ја донесуваме како држава е во согласност со принципите на одржливост и заштита на околината“,
рече Османи.
Тој додаде и дека, доколку стане претседател, нема да потпише ниту еден закон кој нема да го помине овој борд за валидација и ветинг на влијанието на проектите и законите врз животната средина.
„Тоа ќе биде доказ за нашата посветеност кон идните генерации осигурувајќи дека тие ќе наследат земја која не само што е просперитетна туку е и зелена и безбедна“,
додаде тој.