Кога станал директор, како што посочи, прва информација што ја примил била дека сличен проект или ист ваков, бидејќи е бугарски проект, во Бугарија изгорел за седум минути
Видно ме вознемири веста дека гори Универзалната сала, изјави денеска поранешниот директор на објектот Душко Поповски, кој по веста дека пламени јазици го зафатиле симболот на Скопје веднаш дошол на самото место.
„Дојдов да видам што се случува. Бев директор од 2005 до 2009 година, време во кое објектот и тогаш беше преамортизиран. Дури беше и на граница на употреблива вредност. Ваков објект од времен карактер не смееше да работи во такво светло последниве 40-50 години. Не работи веќе последниве 7-8 години“,
рече Поповски.
Кога станал директор, како што посочи, прва информација што ја примил била дека сличен проект или ист ваков, бидејќи е бугарски проект, во Бугарија изгорел за седум минути.
„Можете ли да замислите каква трагедија би била во случај на преполна сала. Тоа беше мојот најголем страв дека еден ден ќе се случи пожар и навистина се случи, но за среќа веројатно без човечки жртви денеска и без повредени луѓе. Навивам да е така. Универзална сала беше синоним за сите луѓе во Македонија, веројатно најпознатиот објект, попрепознатлив и од Старата железничка станица и од Зоолошката градина и од сите објекти во оваа држава. Мислам дека за Универзална сите ја знаеја“,
изјави Поповски за медиумите.
Жалосно е, додаде тој, што објектот бил толку измалтретиран и што бил реконструиран уште пред 30 години.
„Уште во 2005 година, кога јас стапив на должност, имаше проект за реконструкција и доградба. Тој проект се менуваше. Пак велам, не знам за какви интереси, меѓутоа тој проект што јас го започнав во тоа време не се реализира“,
дециден беше Поповски.
Околу 10:30 часот почна гасењето на пожарот во Универзалната сала.
Поради отежнатиот пристап кон објектот, пламените јазици ги гаснат пожарникари со помош на кран. Како што објави ЦУК, гори една од куполите на Универзалната сала.
Репортерите на „360 степени“ од терен пренесуваат дека паднала внатрешната дрвена кровна конструкција во една од куполите.