„Заради политички интерес, политичарите постојано се обвинуваат за корупција. На овој начин ќе имаме кредибилен меѓународен систем, каде што никој нема да може да го помине филтерот доколку е инволвиран во корупција од кое било ниво, не може да стане носител на јавна функција“, вели претседателскиот кандидат поддржан од ДУИ
Покрај заложбата за членство на државата до 2030 година, Бујар Османи, претседателскиот кандидат поддржан од Демократската унија за интеграција (ДУИ), најави дека доколку стане шеф на државата ќе иницира формирање меѓународен борд составен од НАТО, Европската Унија и САД кој би ги сертифицирале сите носители на јавните функции, од политичкиот живот, институционалниот, правосудниот систем и тоа, како што вели во интервју за Македонската информативна агенција (МИА), по однос на два правци.

„Првиот дали имаа каква било конекција со рускиот интерес. Сметам дека многу е важно да поставиме ѕид на рускиот интерес во државата, бидејќи ние историски сме виделе штета и македонскиот народ и албанскиот народ и сите виделе штета од рускиот интерес. Мора да изградиме ѕид на рускиот интерес. Тоа ќе значи верификација дека ниеден носител на јавни функции не може да претставува руски интерес во државата. Второ, дали се инволвирани во какви било коруптивни дејанија. Предлогот ми е никој да не може да биде, да стане носител на јавна функција, министер, директор, судија, обвинител, без да го добие тој сертификат“,
рече Османи.
Оваа идеја, според него, му е инспирација од НАТО сертификатите, односно дека сите што се вклучени во системот на НАТО мора да добијат сертификат од НАТО.
„НАТО ги контролира тие два правци, руски влијанија и коруптивни елементи. Јас го имам највисокиот сертификат од НАТО и сметам дека по тој принцип треба да се обидеме да ги сертифицираме сите носители на јавни функции. Во Министерството за надворешни работи дадов насока сите амбасадори да поминат низ НАТО сертифицирање. Тоа е сериозен филтер. Една НАТО земја да има негативно мислење се кочи процесот за издавање на НАТО сертификат. Овој е кредибилен начин на ветинг“,
вели тој.
Според него, САД почнале со т.н „црни листи“, НАТО прави сертифицирање, а Европската унија има свој систем на санкции. Вели дека ако ги здружиме тие инструменти во еден меѓународен борд и ги сертифицираме сите носители на јавни функции, како што вели, ќе прекине и тој политички лов на вештерки.
„Заради политички интерес, политичарите постојано се обвинуваат за корупција. На овој начин ќе имаме кредибилен меѓународен систем, каде никој нема да може да го помине филтерот, доколку е инволвиран во корупција од било кое ниво, не може да стане носител на јавна функција“,
рече Османи.
На прашањето дали неговиот предлог за избор на претседателот во Собрание би ја ослабнало демократијата и би било вовед во нова политичка криза, Османи рече дека директните избори не се компатибилни со мултиетничките држави и општества.
„Основниот принцип на Рамковниот договор беше да се спречи принципот на мајоризација и нагласување на другите и да создаде механизми во кои сите се во еден инклузивен процес сите се вклучуваат. И затоа сметаме дека во еден таков процес на извор на претседател во Собранието прво ќе добиеме претседател кој ќе биде продукт, односно резултат на еден политички и етнички консензус. Ние досега имавме претседатели кои се извор на поларизација и на ескалација,
вели тој.
Смета дека на овој начин би се надминала таа поларизација, а во таа одлука, како што рече би се вклучиле и македонската позиција и македонската опозиција.
„Црвенковски постојано беше именуван од опозицијата како господине Црвенковски, Трајковски исто така, а и Иванов. Наместо претседателот да ја има таа улога на кохезивно ткиво. Во таков политички консензус, но и етнички консензус преку Бадентеровото мнозинство, ние би избрале претседател кој ќе ја има волјата на целиот политички и етнички спектрум. Утре ќе има авторитет да може да ги свика за да го постигне државниот консензус. Најголемата причина зошто С Македонија не се развива толку брзо е заради континуираните политички кризи, некогаш и етнички кризи. Ние не создадовме механизам за постигнување на државен консензус за деескалација и деполаризација. Доколку тоа го направиме да имаме претседател кој ќе ја има волјата и авторитетот кон целиот политички и етнички спектрум ќе имаме конечно еден таков механизам за постигнување на државен консензус“,
рече Османи.
Од останатите претседателски кандидати, Османи рече дека се разликува зашто има меѓународно искуство, пред се, како што вели, оти бил претседавач со најголемата регионална безбедносна организација во светот ОБСЕ, во според него, тежок геополитички период.