Се очекува членовите на ДИК да одржат седница и да информираат колку избирачи се запишани во Избирачкиот список за изборите. Се очекува бројката да биде различна со оглед на тоа дека ќе се земат предвид оние лица што ќе станат полнолетни во периодот од 24 април до 8 мај
Политичките партии и коалициите најдоцна до полноќ треба да ги достават листите за пратеници до Државната изборна комисија (ДИК) за парламентарните избори кои треба да се одржат на 8 мај. Доколку од ДИК утврдат дека листата е поднесена во определениот рок и е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик, ќе ја потврди со решение веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа.

Денеска ДИК треба да го заклучи и Избирачкиот список за претседателските избори закажани за 24 април (прв круг) и за парламентарните избори.
Според Роковникот за парламентарните избори, ДИК по приемот на листата на кандидати утврдува дали таа е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик и дали кандидатите за пратеници ги исполнуваат условите предвидени во Уставот и член 7 став 2, 3 и 4 од Изборниот законик. Проверката се прави и преку податоците во соодветните регистри и евиденции на надлежните институции. Институциите се должни да ги достават податоците за исполнетост на условите во електронска форма на комисијата во рок од 24 часа од приемот на барањето без никаков надомест.
Ако се утврди дека во листата има одделни неправилности, ДИК ќе го повика овластениот претставник на подносителот на листата да ги отстрани неправилностите во рок од 48 часа од приемот на известувањето на комисијата за неправилностите. Ако ДИК утврди дека констатираните неправилности или пропусти, подносителите на листата ги отстраниле во законскиот рок, поднесената листа ќе ја потврди со решение.
Во случај на неправилности од членот 67 став (2) од Изборниот законик, подносителот на листата може да го замени предложениот кандидат што не ги исполнува условите со нов кандидат во истиот рок од 48 часа и за истиот е должен самиот да ги обезбеди предвидените докази за исполнување на условите.
Ако ДИК утврди дека листата е поднесена ненавремено, односно по истекот на рокот определен со овој роковник, поднесената листа ќе ја отфрли со решение во рок од 24 часа од приемот на листата.
Доколку ДИК утврди дека констатираните неправилности или пропусти, подносителот на листата не ги отстранил во рокот од 48 часа, поднесената листа ќе ја отфрли со решение најдоцна во рок од 24 часа, сметајќи од истекот на рокот за отстранување на неправилностите.
Подносителите на листи или кандидатура можат преку своите овластени претставници да поднесат писмено барање за повлекување на листата односно кандидатурата во рок од 48 часа од донесување на решението за потврдување на конечните листи од согласно членот 67 став (5) од Изборниот законик. Кога се работи за повлекување на кандидатската листа истата единствено може да се повлече во целост.
Се очекува членовите на ДИК да одржат седница и да информираат колку избирачи се запишани во Избирачкиот список за изборите. Се очекува бројката да биде различна со оглед на тоа дека ќе се земат в предвид оние лица кои ќе станат полнолетни во периодот од 24 април до 8 мај.
Потпишувањето на Избирачкиот список за претседателските избори е предвидено на 8 април, а според Роковникот за изборни дејствија, за парламентарните избори е на 22 април.
Кампањата за претседателските избори почнува на 4 април.
Изборната кампања за парламентарните избори ќе започне на 18 април и неколку дена ќе се поклопи со кампањата за избор на претседател, која завршува на 22 април, а гласањето е на 24 април.
Редоследот на кандидати во листата на кандидати, ДИК го утврдува со ждрепка која треба да се одржи најдоцна на 13 април и тој број е ист во сите изборни единици. Во изборната единица каде нема да има свој претставник, соодветниот број на подносителот на листата ќе биде изоставен и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање на празно место.
Собранието вчера, во рамки на 150. седница, го донесе Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, со кој се допрецизираат одредбите за определување на редниот број на гласачкото ливче за двата изборни процеси, односно политичките парти кои предложиле или поддржале кандидат за претседател на државата да можат да ги задржат извлечените редни броеви и за парламентарните избори за поедноставна презентација пред граѓаните.
Другите политички партии кои ќе учествуваат на парламентарните избори, пак, дополнително по пат на ждрепка ќе извлечат редни броеви под кои ќе настапат на изборите.
ДИК, за активностите што ќе ги преземе во согласност со Изборниот законик, задолжително претходно ги известува овластените претставници на подносителите на листи.