Во врска со нејзините тврдења, од неделникот „Фокус“ го контактирале поранешниот премиер и екслидер на СДСМ, Зоран Заев, но тој не одговорил на нивното прашање. Од друга страна, националната координаторка за регионална соработка и европски интеграции, Нола Исмајлоска-Старова, на прашањата од неделникот дали се точни тврдењата дека побарала од поранешната директорка на Националната агенција за образовни програми и мобилност, Лидија Димова, да ја повлече пријавата и дали на седница на влада се расправало за враќање на средствата, изјавила дека станува збор за целосна невистина
Против поранешната директорка на Агенцијата, Лидија Димова, пак, сè уште се води судски процес по обвинение на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), кое ја товари за злоупотреба на околу 320 000 евра европски пари додека раководела со Агенцијата
Откако вчера беше соопштено дека Националната агенција за европски образовни програми ќе треба да врати 2,2 милиони евра, пари злоупотребени преку програмата „Еразмус плус“, поранешната директорка на агенцијата, Лидија Димова во изјава за неделникот „Фокус“ се навраќа на кривичната пријава што во 2019 година ја поднела за проневера на средствата. Таа истовремено тврди и дека поранешни високи функционери, кои ги наведува со име и презиме, ѝ вршеле притисок да ја повлече пријавата.

Кривичната пријава, вели Димова, тогаш ја поднела лично до тогашниот републички јавен обвинител Љубомир Јовески и ги замрзнала исплатите на сите спорни проекти од пријавата.
„Во април 2020 година, од Владата ми беше доставен ‘поздрав’ со листа на проекти што требаше да ги ‘пуштам’. Во јуни 2020 година, тогашниот премиер Зоран Заев – во присуство на Нола Исмајлоска – од мене побара да ја повлечам кривичната пријава. Во октомври бев разрешена поради ‘неетичко однесување’ (прашајте го Љупчо Николовски што значи тоа), а во јули 2021 година Нола беше именувана за регионален координатор за ЕУ, се разбира, откако гласаше за промена на името на државата. Во следните неколку месеци новиот директор на Националната агенција, Марко Ѓоргиевски, ги доисплати сите спорни проекти од шемата вредна 2,2 милиони евра“,
вели Димова за „Фокус“.
Инаку, вчера актуелниот директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Марко Ѓоргиевски, соопшти дека Агенцијата во текот на месецов добила известување дека треба да изврши поврат на 2,2 милиони евра злоупотребени преку програмата „Еразмус плус“. Националната агенција, како што беше соопштено, добила известување за конечност на одлуката откако претходно на 30 ноември 2023 година по електронска пошта од генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) биле информирани за барањето за поврат.
Ѓоргиевски изјави дека во известувањето биле информирани дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата „Еразмус плус“ финансирани од Европската комисија.
„Согласно ова известување, се бара поврат на средства 2 276 212 евра кои биле доделени како грантови во временскиот период од 2016 до 2018 година“,
рече Ѓоргиевски на вчерашната прес-конференција.
Според Ѓоргиевски, откако го добиле известувањето, Агенцијата го контактирала Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија и побарала дополнителни информации поврзани со извештајот на ОЛАФ. Целта, како што рече Ѓоргиевски, била „да ги дефинира следните чекори и сè што е потребно да се преземе како институција во однос на нивните наоди, но и да побара насоки како ќе се спроведува повратот на средствата доколку барањето за истото се финализира“.

Против поранешната директорка на Агенцијата, Лидија Димова, пак, сè уште се води судски процес по обвинение на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), кое ја товари за злоупотреба на околу 320 000 евра европски пари додека раководела со Агенцијата.
„За среќа, Брисел беше запознат со случајот и веднаш ја почна истрагата. Додека во Македонија исчезнуваа документи, па повторно се појавуваа, ОЛАФ си ја бркаше работата. Обвинителството не виде поврзаност меѓу мојот случај (злоупотреба на европски средства) и случајот со 2,2 милиони евра, и покрај моето инсистирање… не знам дали сега ќе види. Апсурдот е што обвинителството ме гони за злоупотреба на европски пари, а ОЛАФ тврди дека јас не сум направила злоупотреби. Она што ОЛАФ го бара е 2,2 милиони евра од проневерата што ја открив јас, а не наводни средства за кои ме товари обвинителството мене. До кога ќе трае ова, не знам. Осудени криминалци кои претходно биле отфрлени за сведоци, сега судот ги прифаќа да сведочат против мене. До каде ќе оди тоа, не знам… ќе видиме! Можеби некој новинар, сепак, ќе се дрзне да истражи до крај каде исчезнаа ‘тренираните магариња’ и ‘фризерницата’ од пријавата“,
вели Димова за „Фокус“.
Во врска со нејзините тврдења, од неделникот го контактирале поранешниот премиер и екслидер на СДСМ, Зоран Заев, но тој не одговорил на нивното прашање.
Од друга страна, националната координаторка за регионална соработка и европски интеграции, Нола Исмајлоска-Старова, на прашањата од неделникот дали се точни тврдењата дека побарала од поранешната директорка на Националната агенција за образовни програми и мобилност, Лидија Димова, да ја повлече кривичната пријава за злоупотреба на 2,2 милиони евра европски пари и дали на влада се расправло за враќање на средствата, изјавила дека станува збор за целосна невистина.

„Категорично ја отфрлам како неточна таа информација. Ниту како национален координатор ниту во кое било друго својство не сум барала повлекување некаква пријава. Ме изненадува вакво прашање бидејќи ниедна функција што сум ја извршувала немала ингеренции за прашања од ваква природа“,
одговорила Исмајлоска.