„За трансформацијата на договор на дело во договор на неопределено добивме информација дека 1 117 согласноти пристигнале од Владата во месец февруари, но не се реализирани поради мораториумот за изборниот процес. Беше дадено ветување за масовни конкурси во јавно здравствените установи по завршување на изборите. Ние бараме измена на законот во критериумите за вработување да им биде дадена предност на колегите на специјализација“, рече д-р Александра Георгиева, претседателката на Здружението на лекари специјализанти
Откако денеска со транспаренти на кои пишува „Наша борба, наше здравје“, „Плати скромни, трошоци огромни“ пред Министерството за здравство протестираа лекарите специјализанти, а потоа имаа средба со претставници од ресорната установа, попладнево од Здружението на лекари специјализанти соопштија дека им било ветено веќе од следниот месец да им биде коригирана платата.

„Бевме примени од страна на советници на министерот, зашто тој присуствувал на друг настан во соработка со СЗО. Еден од советниците беше правен советник и ја извлековме одлуката од 2018 година врз основа на која се исплаќаат надоместоците на приватните специјализанти. Во неа, како одлука на Влада, децидно стои дека платата на приватните специјализанти треба да е во висина на плата на општ доктор за дадената година. Ни беше ветено дека Министерството за здравство ќе прати информација до Владата и до Фондот за здравствено осигурување да постапат согласно донесените одлуки и веќе од наредниот месец да биде коригината платата на приватните специјализанти“,
рече д-р Александра Георгиева, претседателката на Здружението на лекари специјализанти.

Според неа, добиле ветување и дека здравственото осигурување ќе биде веднаш воспоставено, односно, како што рече таа, ќе се пратела информација до здравствените установи оти сите што се на приватна специјализација треба да бидат здравствено осигурани.
„Околу трансформацијата на договор на дело во договор на неопределено добивме информација дека 1 117 согласноти пристигнале од Владата во февруари, но не се реализирани поради мораториумот за изборниот процес. Беше дадено ветување за масовни конкурси во јавно здравствените установи по завршување на изборите. Ние бараме измена на законот во критериумите за вработување да биде дадена предност на колегите на специјализација“,
рече Георгиева.
Износот на просечна плата на општ доктор, според Георгиева, сега изнесува околу 44 000 денари.
Здравственото осигурување за време на ковид-пандемијата, според Георгиева, било воведено од тогашниот министер Венко Филипче, но пред година и половина тоа било укинато, како што рече таа, без образложение од Министерството за здравство.
„Кога станува збор за моменталната плата од 26 000 денари на еден приватен специјализант, ако бидеме објективни и ја одземеме ратата што месечно се плаќа во Деканатот на Медицинскиот факултет, на тој специјализант му требаат околу 12 000 денари за да може да функционира и да преживее“,
рече таа.
Како што вели претседателката на Здружението, приватни специјализанти не постојат во најголем дел од европските земји и приватната специјализација е автохтон феномен само на Балканот и моментално ги има само во Албанија и Косово.
На протестот беше побарано покачување на платата на приватните специјализанти согласно просечната плата за тековната година која изнесува 39 800 денари, повторно воведување на здравственото осигурување за сите приватни специјализанти и навремена исплата на дежурствата со секоја тековна плата.
