Полицијата оди од зграда до зграда за да најде некаква трага која ќе помогне во потрагата по исчезнатата Данка, а проверени се и сите напуштени објекти во приградската населба Бањско Поле во околината на Бор
Повеќе од 18 часа се трага по двегодишното девојче Данка Илиќ, кое вчера попладне исчезнало во околината на градот Бор во Србија. Потрагата продолжува и денеска. На терен се полицајци, пожарникари спасувачи, припадници на планинарската спасувачка служба, припадници на жандармеријата. Во потрагата се вклучени и кучиња трагачи, ловџии и многубројни граѓани, а се користат и хеликоптери и дронови со камери.

Полицијата оди од зграда до зграда за да најде некаква трага која ќе помогне во потрагата по исчезнатата Данка, а проверени се и сите напуштени објекти во приградската населба Бањско Поле во околината на Бор.
На приодот кон Бањско Поле има пунктови каде што полицијата врши увид на возила, а како што јавуваат српските медиуми, се истражуваат и сите лица од безбедносен интерес кои претходно биле во судир со законот.
Потрагата по девојчето е делумно отежната поради дождот кој од вчера врне речиси непрекинато, но и од ниските температури кои сношти се спуштиле на 6 Целзиусови степени, колку што е и сега, јавува Данас.
Градоначалникот на Бор, Александар Миликиќ, ја опиша приградската населба во која исчезна девојчето како населба со многу тежок терен, со шуми и потоци. Во Бор синоќа пристигнал и првиот човек на српското МВР.
Исчезнувањето на двегодишната Данка по првпат го активира системот „Најди ме“ (Amber Alert) во Србија со помош на кој јавноста веднаш се известува за исчезнатото дете.