Ова било констатирано на денешната средба на дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев со раководството на Одделот за криминалистичка полиција на која тој бил брифиран за работата на Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи и Секторот за општ и насилен криминал во рамки на овој oддел
Во периодот од 2017 до 2023 Одделот за криминалистичка полиција запленил дрога во вредност 426 милиони евра, притоа во три наврати биле уништени над 12 тони дрога. Ова било констатирано на денешната средба на дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев со раководството на Одделот за криминалистичка полиција на која тој бил брифиран за работата на Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи и Секторот за општ и насилен криминал во рамки на овој oддел.
Како што информираат од МВР, Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, согласно своите надлежности, активно преземал мерки и активности во насока на сузбивање на улично дилерство на сите видови наркотични и синтетички дроги, сузбивање на организирање и вршење на транспорт на поголеми количини дроги, сузбивање криминални групи кои се занимаваат со недозволена трговија и продажба на наркотични и опојни дроги, откривање и уништување насади со растенија канабис, како и откривање импровизирани тајни лаборатории за внатрешно одгледување растенија канабис и лаборатории за производство на синтетички дроги.

„Во рамки на оперативната акција од 14.09.2020 до 29.02.2024 година, од страна на Единицата за НТ со дрога, Сектор за НТ со дрога, оружје и опасни материи при Оддел за криминалистичка полиција координирани се, а во поголем дел и учествувано во извршени вкупно 1 640 претреси на дом, објекти и помошни простории, 1 781 прегледи на лица/возила и 22 пребарувања на терен, а поради сомнение за сторено кривично дело по чл.215 од КЗ лишени од слобода се 5 815 лица. Притоа, разбиени се 19 криминални групи, пресечени се 29 меѓународни транспорти на марихуана, по два на хероин и кокаин и еден на хашиш. Поднесени се вкупно 1 566 кривични пријави поврзани со недозволена трговија со дрога, извршени од 1 807 сторители“,
било истакнато на средбата, се наведува во соопштението на МВР.
Во делот на недозволената трговија со оружје, посочуваат од МВР, откриените кривични дела во оваа област, начелно се карактеризираат со нелегално држење и поседување на едно парче оружје, муниција или експлозивни материјали од страна на поединци, а недозволената трговија и поседувањето на нелегалното оружје, во голем дел е поврзана со вршење други видови на кривични дела, најчесто од областа на насилниот и имотниот криминал, како и недозволената трговија со дрога.
Од раководството на криминалистичката полиција, се додава во соопштението, било истакнато дека Единицата координирано со различни организациони единици при СВР во периодот од 2021 до 2023 година учествувала во случаи во кои се лишени од слобода вкупно 64 лица, при што се одземени 84 различни вида огнено оружје и 5 050 куршуми различен калибар.
За работата на Секторот за општ и насилен криминал, Бојамацалиев бил информиран дека од страна на Единицата за борба против корупција во периодот од 2019-2023 година има воспоставено шест меѓу секторски криминалистички обработки и има поднесено вкупно 96 известувања.
„Единицата во координација со Управата за јавни приходи изврши контрола во 17 градови и 67 објекти кои приредуваат игри на среќа и забавни игри, при што од страна на УЈП по основ на данок за игри на среќа во државниот буџет се наплатени околу 100 000 000 денари. Од страна на Единица за Економски криминал при Секторот за општ и насилен криминал при Одделот за криминалистичка полиција во периодот од 2019-2023 година има 33 координирани акции, при што наплатени се 10 500 000 денари по разни основи“,
било истакнато од страна на раководството на Одделот.