Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на меѓународен мировен самит, а претходно оваа година Швајцарија соопшти дека ќе биде домаќин и дека се разговара за датумот и деталите
Организирањето каков било глобален мировен самит за Украина што ја исклучува Русија е едноставно апсурдно и нема да биде успешно, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков во интервју за рускиот медиум „Аргументи и факти“ изјави дека Русија ја продолжува својата војна против Украина, која трае повеќе од две години, за да се заштити од Западот.
„Може ли украинскиот проблем да се реши без учество на Русија? Одговорот е јасен – не може. Затоа што Украина е претворена во инструмент во рацете на колективниот Запад, со чија помош има намера, како што изгледа, да изврши уште поголем притисок врз Русија, да ја запре Русија“,
рече Песков во интервјуто што го дал минатиот четврток, еден ден пред масовното пукање во концертна сала во близина на Москва.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на меѓународен мировен самит, а претходно оваа година Швајцарија соопшти дека ќе биде домаќин и дека се разговара за датумот и деталите.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно го отфрли украинскиот мировен план кој предвидува повлекување на руските сили и враќање на границите на Украина од 1991 година, вклучувајќи го и Крим, кој Русија го зазеде и анектираше во 2014 година. Тој го опиша како „неостварлив“.
Песков повтори дека планот е незамислив и ја осуди намерата на Европската Унија и другите земји да користат замрзнати руски средства за помош на Украина.
„Верувам дека Европејците сфаќаат дека ќе ја оспориме таквата одлука“,
рече тој.
Швајцарија во јануари 2024 година, на барање на Зеленски, се согласи да биде домаќин на глобален мировен самит за Украина. Над 160 земји ќе бидат поканети да разговараат за мировната формула на Киев и да создадат заеднички документ за тоа што треба да се направи за да се врати суверенитетот на земјата.
Андриј Јермак, шефот на Претседателската канцеларија на Украина, предложи да бидат поканети претставници од Русија.
Киев долго време го нагласува својот мировен план од 10 точки. Претседателот Володимир Зеленски го претстави предлогот во виртуелен говор пред лидерите на Г-20 во ноември 2022 година.
Неговата формула за мир бара обновување на територијалниот интегритет на Украина, повлекување на руските трупи и прекин на непријателствата, како и ослободување на сите затвореници.
