Нетанјаху му рекол на Блинкен дека ја цени американската поддршка за борбата на Израел против Хамас и ја разбира потребата да се заштитат цивилите. Но, тој повторил дека ќе изврши копнен напад врз Рафах, на југот на Појасот Газа, каде што се засолниле повеќе од милион Палестинци
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска му порачал на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека Израел е подготвен сам да ја продолжи војната против Хамас, без американска поддршка. Блинкен приватно се состана со Нетанјаху за да види дали ќе се погрижи да биде доставена повеќе храна во Појасот Газа. Тоа е негова шеста турнеја на Блискиот Исток од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година.
Нетанјаху му рекол на Блинкен дека ја цени американската поддршка за борбата на Израел против Хамас и ја разбира потребата да се заштитат цивилите. Но, тој повторил дека ќе изврши копнен напад врз Рафах, на југот на Појасот Газа, каде што се засолниле повеќе од милион Палестинци.
„Реков и дека нема шанси да го победиме Хамас без да одиме во Рафах и да го елиминираме остатокот од тамошниот баталјон. И му реков дека се надевам оти ќе го направиме тоа со поддршка од САД, но ако мораме – ќе го направиме тоа сами“,
рече Нетанјаху во видеообраќање пред новинарите.
Израел тврди дека Рафах е последното засолниште за милитантите на Хамас и планира да ги евакуира цивилите пред копнен напад. Вашингтон верува дека копнената офанзива би била „грешка“ и би предизвикала преголема штета на луѓето кои се засолниле таму.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска го предупредил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека без планот на Хамас за „денот потоа“, Израел со години ќе биде заглавен во Газа.
Американскиот државен секретар додаде дека во таква ситуација меѓународниот углед на Израел ќе опаѓа и неговата национална безбедност ќе биде во опасност, извести „Тајмс оф Израел“.
„Вие не го разбирате ова, а кога ќе го разберете, можеби ќе биде доцна“,
рече Блинкен и оцени дека доколку продолжат сегашните трендови, единствен можен резултат е останување на Хамас на власт или анархија во Газа.
