„Четиричасовната операција, извршена на 16 март, означува голема пресвртница во потрагата за обезбедување подостапни органи за пациентите“, објави болницата во Бостон
Лекарите од Општата болница во Масачусетс објавија дека модификуван свински бубрег по првпат успешно е трансплантиран на жив човек. Експерименталната трансплантација е извршена во саботата во болница во Бостон.

„Четиричасовната операција, извршена на 16 март, означува голема пресвртница во потрагата за обезбедување подостапни органи за пациентите“,
се наведува во соопштението на болницата.
Се додава дека пациентот, кому му беше пресаден модификуваниот свински бубрег, 62-годишниот Ричард Слејман од Вејмут, Масачусетс, успешно закрепнува и наскоро се очекува да биде отпуштен од болницата.
Свинскиот бубрег бил обезбеден од „Е-генесис“ (еGenesis) – биотехнолошка компанија која развива органи и клетки компатибилни со човекот за третман при откажување на органите.
Органот бил генетски модификуван за да се отстранат гените што може да бидат штетни за примачот, а додадени се и одредени човечки гени за подобрување на компатибилноста. Дополнително, компанијата деактивирала одредени вируси кои се специфични за свињите, а кои имаат потенцијал да заразат луѓе.
Оваа експериментална трансплантација го означува најновиот развој во ксенотрансплантацијата – термин кој се однесува на напорите да се обидат да се излечат човечки пациенти со животински клетки, ткива или органи.
