Државна матура, исто како и училишта и завршен испит, оваа година нема да се полага.
Матурантите од оваа година, при уписот на факултети ќе бидат третирани исто како и оние кандидати кои завршиле средно образование пред да се воведе матурата (пред учебната 2007/2008) година.
Сепак, ова дополнително ќе се регулира и со конкретна Уредба, која министерот за образование и наука, Арбер Адеми, ја најави за следните денови.

„Кога сме кај уписите на факултетите тоа ќе се регулира и со конкретна Уредба која ќе се прецизира во следните денови и ќе се усвои од страна на Владата. Тоа што треба да го истакнеме сега е дека учениците кои завршуваат средно образование оваа година на крај ќе добијат диплома и ќе се запишуваат според успехот во последните 4 години. На високообразовните установи сигурно ќе се појават и ученици кои завршиле средно претходните години и полагале државна матура, но и потенцијални студенти кои завршиле со средното образование уште пред да се воведе државната матура. Така што учениците кои оваа учебна година ќе стекнат диплома за завршено средно образование, ќе се постапува идентично како со оние кои стекнале диплома за средно пред да се воведе државната матура“,
објасни Адеми.
Како досега се третираа кандидатите без државна матура?
Во ланскиот конкурс за упис на студенти кои го објави, на пример, првиот и најголемиот државен универзитет во земјава „Св. Кирил и Методиј“, пишува дека на оние програми каде нема приемни испити и дополнителна проверка на знаењето, бодувањето на кандидатите кои имаат државна матура се прави на тој начин што 60 проценти од поените се добиваат според успехот по сите предмети и 40 проценти според резултатите од државната матура.
Истиот начин на бодување го пишува и во конкурсот на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
За кандидатите кои завршиле средно пред учебната 2007/2008 година односно пред да се воведе матурата, во конкурсот на УКИМ е објаснето дека бодувањето се прави на тој начин што 60 проценти од бодовите може да се добијат од успехот по сите предмети, додека останатите 40 проценти се добиваат така што оценките од двата клучни предмети се пресметуваат уште еднаш посебно.

На минатогодишниот конкурс на Универзитетот „Гоце Делчев“, пак, за програмите каде нема приемни испити пишува дека кандидатите без државна матура се бодуваат само по една формула – според успехот по сите предмети внесени во свидетелствата од сите години.

Приемните испити остануваат таму каде што е потребно
Како и досега, приемните испити за останатите програми за кои беше потребен приемен испит останува. Тој ќе се организира и онаму каде што кандидатите имаат ист број на бодови, а нема доволно слободни места на студиската програма.
„Приемен испит се организирало и до сега, кога постоеше државна матура, на пример на Драмскиот факултет, на Архитектонскиот … Квалификационен испит треба да се организира таму каде има конкуренција и повеќе лица имаат ист број на бодови“,
рече Адеми.
За актуелните студенти, пак, министерот потенцираше дека колоквиумите, испитите, одбраната на дипломски, магистерски и докторски трудови уште пред месец време со Уредба е предвидено да се организираат преку средствата за електронска комуникација.
„Важно е да се истакне кога сме кај колоквиумите и испитите, дека треба да се обезбедат услови за автентичноста, квалитетот и кредибилитетот за целиот тој процес на оценување на студентите“,
рече Адеми.
Тој посочи дека досега не е нотиран некаков проблем, но нагласи дека по одредени предмети на факултетите не е возможно да се организира колоквиум или испит по електронски пат и истите ќе бидат ослободени од таа обврска.