Ваквиот став архиепископот го даде на Форумот „Како да го заштитиме македонскиот идентитет“, кој денеска се одржа на Универзитетот „Скопје“. На влезот во Универзитетот им се делеа ружи на жените, а сите добиваа по една папка во која покрај регуларните подароци, кои секогаш се даваат на настани од ваков тип, имаше два примерока од магазинот за туризам и менаџмент, на чии насловни страници се најавени интервјуата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски
„Тажно беше кога однадвор други нè негираа, но потажно е кога самите одвнатре се негираме, застапувајќи туѓи интереси како свои. Тажно е кога волкот ќе ги нападне овците, но уште потажно е кога нив ќе ги нападне шарпланинецот, кога ќе се оволчи оној чија улога е да ги заштитува паствата од волците. Така, има некои Македонци со антимакедонски постапки, кои или за лична корист или во служба на туѓи интереси се подготвени волни да отстапуваат од македонската историја и македонскиот јазик“, рече поглаварот на МПЦ-ОА
Интерпретацијата на стиховите „Црна се чума зададе, там долу Демир Капија, там долу Македонија“ значеше официјален почеток на форумот „Како да го заштитиме македонскиот идентитет?“.
Сите молчеа и гледаа во видеобимот на кој се вртеа пејзажи од различните делови на државата. Во еден момент се гледаат пелагониските полиња, а во друг веќе сме на кајче во Охридското Езеро. Скопје е следно, па Битола, Прилеп, Струмица …

Едно по едно се полнеа местата во амфитеатарот на Универзитетот „Скопје“. Студенти, политичари, претставници од бизнис-секторот го очекуваа пристигнувањето на архиепископот Стефан, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Меѓу себе си дофрлаа дека тоа ќе значи почеток на првиот дел од планираните дискусии.

На влезот во Универзитетот им се делеа ружи на жените, а сите добиваа по една папка во која покрај регуларните подароци, кои секогаш се даваат на настани од ваков тип, имаше два примерока од магазинот за туризам и менаџмент, на чии насловни страници се најавени интервјуата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски.

Архиепископот дојде последен од излагачите на форумот, а на влезот во Универзитетот го пречекаа ректорот Аце Миленковски и поранешниот амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев.
На прашање од неколку медиуми дали би сакал да даде изјава, г. г. Стефан кусо одговори:
„Ве молам, оставете ме“.

Пред да почнат излагањата од првата панел-дискусија во која учествуваа г. г. Стефан, поглаварот на МПЦ, поранешниот амбасадор и поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ѓорчев, ректорот на Универзитетот „Скопје“, Аце Миленковски, и новинарот Александар Чомовски, актерот Петар Темелковски им порача на присутните:
„Да се биде Македонец е света работа. Македонци сме само затоа што сме страдале на македонски“.
Мислат дека нашиот идентитет е како кула од карти, па само повлечи една и целата ќе се сруши
Откако како домаќин, ректорот Аце Миленковски ги поздрави учесниците на форумот, веднаш му даде збор на архиепископот г. г. Стефан, поглавар на МПЦ-ОА, нарекувајќи го чувар на македонскиот идентитет.
Рече дека ваква дебата е повеќе од потребна, особено во овој предизборен период, кога треба да знаеме, според Миленковски, каде чекори Македонија на политички план.
Токму ваквата реторика се очекува да биде носечка во претстојната изборна кампања.

Архиепископот Стефан, пак, рече дека има подготвен говор кој ќе треба да го прочита.
Уште на почетокот посочи дека најсилен удар во идентитетските прашања кои му се задаваат на Македонецот е идејата за непостоење на македонски корен и на непостоење на македонски национален идентитет.
„Да ни го негираат правото на постоење одамна сме научени и како народ и како црква“,
вели г. г. Стефан.
Но, според него, ново е тоа што во последниот период не само што имаме негирање однадвор туку, како што рече, се самонегираме и се одрекуваме од столбовите на нашиот идентитет.
„Тажно беше кога однадвор други нè негираа, но потажно е кога самите одвнатре се негираме, застапувајќи туѓи интереси како свои. Тажно е кога волкот ќе ги нападне овците, но уште потажно е кога нив ќе ги нападне шарпланинецот, кога ќе се оволчи оној чија улога е да ги заштитува паствата од волците. Така, има некои Македонци со антимакедонски постапки, кои или за лична корист или во служба на туѓи интереси се подготвени волни да отстапуваат од македонската историја и македонскиот јазик“,
рече архиепископот.
Рече дека е време сите да го кренеме својот глас, оти според него, нè демнат нешта кои веројатно се убедуваат да поништат сè што е наше.
„Главните идеолози на таквите идеи веројатно мислат дека нашиот идентитет е како кула од карти, па само повлечи една и целата ќе се сруши. Нашиот народ не е кула од карти, туку вистински пиреј. А пирејот е троскотна трева, која ја опиша и Петре М. Андреевски, како трева колку сакаш кошкај ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати“,
рече тој.
Една од главните задачи на црквата, според архиепископот е да ја обзнанува вистината, да го љуби народот на кој му проповеда и да ја љуби татковината.
Порача дека единствено со одржување и чување на нашиот христијански идентитет ќе успееме да го сочуваме, како што рече, македонскиот, библискиот, културниот, јазичниот и историскиот идентитет.
„Уште стариот завет нè учи да ги почитуваме нашите татковци и мајки и ако ја почитуваме таа заповед, тогаш треба да ги почитуваме нашите прадедовци и прабаби по род, кои се вложија во градењето на нашата историја и култура, на нашата црква и држава. Не смееме да им го украдеме на нашите предци сиот нивни труд, не смееме да ја убиеме нашата историја“,
рече г. г. Стефан.
Завршувајќи го својот говор, поглаварот рече дека доколку останеме верни на прадедовската вера, доколку останеме облечени во Христа, ќе изградиме општество на здрави луѓе кои ќе имаат љубов и одговорност кон својата татковина и кон својот народ.
„Така меѓу нас нема да има веќе оволчени шарпланинци, личности кои почитувајќи ја туѓата историја, јазик, вера и култура, по никаква цена не ќе ги раздаваат и продаваат своите. За оние кои досега го правеле, го просиме Бога да им прости, оти не знаат што прават. Да се чуваме едни со други и да ја чуваме Македонија. Да си помагаме за така да биде“,
рече на крајот поглаварот Стефан.
Не требаше да попуштиме
Поранешниот амбасадор во Софија и поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ѓорчев се чинеше мошне расположен да зборува на темата. Веднаш даде констатација дека денешниот форум се организира во пресудни моменти за нашата држава, како што посочи, во време кога треба да се чува унитарноста и државноста, како и во време кога треба да се промовира древноста и вековноста на историско-географскиот простор Македонија.

„Каде потфрли Македонија? Како држава сме дојдени на работ на она што претставува наше опстојување. Треба да го охрабриме македонскиот граѓанин, кој верува во својата химна, знаме во тоа што претставува Македонија дека можеме подобро, умееме подобро и треба да работиме подобро“,
рече Ѓорчев.
Според него, почнувајќи од 1993 година и од, како што рече, фамозното попуштање под притисокот на Грција, и Привремената спогодба во 1995 година, откажувањето од државното знаме, непочитување на судот во Хаг во 2011 година и откажувањето во член 49 од македонското малцинство, Ѓорчев смета дека сме покажале огромно безрбетништво и непочитување на она што македонскиот народ го порачувал изминатите три децении.
„Ако не попуштевме, ќе се најдевме на истото место каде што сме дене. Само ќе бевме погорди, подостоинствени и со поголема перспектива за нашата македонска иднина. Токму тоа е и порака од овој форум. Сите сплотени, заедно, единствено да покажеме дека имаме што да чуваме, имаме што да браниме и имаме што да надградиме на овој наш простор каде е формирана македонската држава. Треба да ја почитуваме, да ја сакаме и да работиме за неа“,
рече тој.
Според него, во Европа не се оди со коленичење, туку со идеја дека сме добри во она што го правиме.
Потребен ни е духовен идентитет
Новинарот Александар Чомовски преку примери од секојдневниот живот, но и од новинарската кариера посочи дека младите треба да создаваат нови вредности.
Според него, за идентитетски квоти треба да се разговара во насока на создавање на нова државна додадена вредност, зашто како што посочи, без тоа на Македонија ќе и остане историското јадро од кое, рече дека не ќе можеме да излеземе со перспектива каде и со кого треба да одиме во светот.

Според него, во Македонија не владее сиромаштија, зашто според него, не може да биде сиромашна држава во која 80 отсто од станбениот фонд е во приватни раце, држава во која има шест државни универзитети и уште неколку приватни универзитети.
Смета дека димензијата на сиромаштијата повеќе се поврзува со духовната сиромаштија.
„Ни недостига богатство од идеи со различни кодови и идентитетски духовни вредности. Младите треба да создаваат нова вредност. Македонскиот идентитет треба да создава нова додатна вредност. Треба да се занимаваме со новите вредности и со новите контроверзии на европскиот код. Нашиот мак идентитет се валоризира само со европски код и на европско тло“,
рече тој.
Почнува да се редефинира македонскиот идентитет
Според Аце Миленковски, ректор на Универзитетот „Скопје“, рече дека форумот е организиран од потребата да се зачува македонскиот идентитет, зашто според него, се работи за татковината.
„Идентитетот е лична карта, пасош. Кога ќе нè идентификуваат ние сме Македонци, а и да не нè идентификуваат, пак сме Македонци. И како сакаат да нè нарекуваат, ние пак сме Македонци. Тоа биле и моите предци, тоа беа историските личности од античкиот период и во тој период оттогаш до денес. Нашиот идентитет е македонски, Ние сме Македонци, зборуваме македонски, се смееме на македонски, плачеме на македонски, се молиме на македонски. Во најновите алгоритми не се гледам дека сум Северномакедонец. Ниту се гледам, ниту сакам негде да ме видат“,
рече ректорот Миленковски.
Според него, со потпишување на Преспанскиот договор почнува да се редефинира македонскиот идентитет и македонското прашање, а како што рече, тоа според него е најголемото национално предавство.
„Народот не им го даде тоа право да го редефинираат нашиот етнички идентитет. Во нивната изборна програма не постоеше тоа. Мислите дека некој од нас ќе гласаше за нив, ако рекоа ќе го смениме името? Тие се љубители на туѓи интереси. Порака да испратиме на Македонецот е дека на македонскиот народ му треба единство. Доста е меѓу себе да се кошкаме, да се расправаме, да се удираме доволно“,
рече тој.
Форумот продолжи со уште две панел-дискусии на кои учествуваа неколку професори од различни области, дел од нив поранешни функционери или кандидати за функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу нив, д-р Наташа Котлар од Институтот за национална историја, која беше кандидатка за градоначалничка на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Центар; проф. д-р Благица Новковска од Универзитетот „Скопје“, поранешна директорка на Државниот завод за статистика во времето на ВМРО-ДПМНЕ; доц. д-р Викторија Трајков, професорка на Универзитетот „Скопје“ и кариерен дипломат, но и стратешки соработник за меѓународна политика на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
