Бугарското национално радио јави дека извештајот од контролата во Конзулатот во Битола е испратен до Инспекторатот на Министерството за правда и оти се очекуваат санкции за одговорните
Хигиеничарка во Конзулатот на Бугарија во Битола вршела интервјуа со кандидати за добивање бугарско државјанство, открил денеска во бугарскиот парламент пратеникот од бугарската партија Преродба, Ангел Георгиев. Како што јавија бугарските медиуми, на оваа негова забелешка и пратеничко прашање вицепремиерката и шефица на дипломатијата Марија Габриел потврдила дека имало системски пропусти во бугарскиот конзулат во Битола и дека хигиеничарката веќе немала пристап до архивата и конзулската служба.
Според Габриел, од увидот направен во конзулатот, не биле утврдени директни докази дека чистачката ги интервјуирала кандидатите за бугарско државјанство, но потврди дека имало застрашувачки прекршувања кои се недозволиви во дипломатските служби.
Габриел посочила дека 2 719 досиеја се вратени на докомплетирање во Генералниот конзулат во Битола и оти се откриени сериозни неправилности во процесот на доделување бугарско државјанство.
Случајот бил откриен откако на почетокот на февруари се појавиле извештаи за неправилности во конзулатот.
„По темелно испитување, изготвен е извештај со евалуација и анализа на собраните документи и информации, кои откриваат застрашувачки неправилности во однос на процедурите кои се критични за работата на секој конзулат“,
истакнала Габриел.
Според пратеникот Георгиев, хигиеничарката Весна Котевска, вработена во бугарскиот конзулат, вршела интервјуа со кандидати и како резултат на тоа имало многу одбивања.
Бугарското национално радио јави дека извештајот од контролата во Конзулатот во Битола е испратен до Инспекторатот на Министерството за правда и оти се очекуваат санкции за одговорните.